Крвава ноќ во Египет, граѓанска војна на повидок?!
Според официјалните податоци на египетските власти, најмалку 17 лица загинале во крвавите судири во повеќе градови ширум земјата, а околу 300 лица биле повредени. Други извори говорат за најмалку 26 загинати во уличните борби меѓу противниците и приврзениците на соборениот египетски претседател Мохамед Мурси.
Улични борби меѓу противниците и следбениците на доскорешниот претседател Мохамед Мурси во текот на изминатата ноќ имало во главниот град Каиро, Александрија, Суец и провинциите во делтата на Нил, Дамиета и Бехеира. Египетската армија се обиде на повеќе места со масивна интервенција да ги држи разделени двата непријателски табори.
- Ние не заземаме страна. Нашата задача е да ги штитиме животите на граѓаните и демонстрантите. Ние ќе интервенираме само да ги раздвоиме - изјави полковиникот Ахмед Али
Египетските медиуми објавуваат дека сеуште траат тензиите во центарот на Каиро. На многу места има барикади, силите за безбедност се распоредени на главни раскрсници и мостови во градот. Автомобили на полицијата носат портрети на министерот за одбрана генерал Абдел Фатах аз Сиси, иницијатор на ултиматумот по кој беше симнат од власт претседателот Мохамед Морси во средата.
Во близина на Универзитетот во Каиро приврзаници на Муслиманско братство подигнале барикади и истакнале плакати со ликот на Морси. Исламистите за денеска најавија нови протести во кои ќе бараат армијата да го врати на функција Мохамед Морси.
Во Каиро, инаку, за поттикнување на насилство беше уапсен Хаират ал-Шатер, кој важи за главен стратег на исламистичките Муслимански браќа, на кои им припаѓа и соборениот претседател Мохамед Мурси.
Се верува дека Ел Шатер, кој по функција е заменик претседател на Муслиманското братство, сепак е највлијателна фигура во организацијата.
Египетската војска во средата го суспендираше уставот на Египет и го симна Мурси од функцијата, а потоа и го уапси и најави одржување на предвремени претседателски избори.
