Крв и гнев на улиците на Барселона, најава за масовен штрајк
“Како се приближуваше времето за затварање на изборните места, имав чувство дека нема човек кој не е на улица. Коли скоро и да не поминуваа. Стари, млади, фамилии со деца, инвалиди, луѓе со кучиња, сите ги бранат влезовите на училиштата или центрите каде што се гласаше. Каталонците по својата природа се доста мирољубиви и особено горди на своето пацифистичко однесување. Во текот на целиот ден не дозволија да бидат испровоцирани, нити предизвикаа инциденти и покрај доста стресната ситуација. Често со кренати раце во воздух извикуваа слогани за независна Каталонија” - вака Сандра Живковиќ која е на мастер студии за образовни политики и развој во Барселона ја опишува состојбата на улиците на каталонската метропола која последниве 24 часа го живее најкрвавото сценарио на надеж и страдање. Иако во медиумите се крена доста фама, Сандра вели дека во градот било прилично сигурно за движење и учество во случувањата.


“Со почетокот на референдумот, неколку гласачки места беа посетени од националната полиција, каде беа одземени гласачките кутии и материјали. Во тој момент полицијата демонстрираше физичка сила врз луѓето кои беа таму да гласаат, или едноставно да ги заштитат избирачките места. Наводно овие школи беа таргетирани затоа што важни каталонски политичари требаа да гласаат таму.Во поголемиот дел од градот гласањето се одвиваше најнормално, со присуство само на каталонска полиција-Мососи (која во погорниве случаи одбива да се вмеша и стои на страна). Кај повеќето избирачки места кои ги посетив редиците за гласање броеа и по 200-300 луѓе, кои неуморно чекаа и по два часа за да гласаат, без разлика што надвор доста врнеше. Излегувајќи од гласачките места се забележуваше колку гордо и среќно се чувствуваат оние кои го оствариле своето право на глас, па често ја повикуваа толпата да ракоплеска или да извикува со нив”- додава Сандра Живковиќ.

Неизвесноста кај локалците дали полицијата повторно ќе се појави растела во попладневните часови, но и покрај тоа редиците пред изборачките места станувале се побројни.
“Како минуваше времето се повеќе граѓани доаѓаа кон своите изборни места, со цел заштита на избирачките кутии од националната полиција да не се случи уште една насилна епизода. По затварањето на гласачките места, доста од нив останаа пред истите, а голем дел се собраа и на главниот плоштад во градот-Placa Catalunya. После полноќ беше тивко.Улиците се празни, и сите се во исчекување на резултатите и планот како да се продолжи. Веќе е најавен штрајк за во вторник”- вели Сандра.


Каталонците според неа се неверојатно мирен народ и на агерсијата одговараат многу достоинствено. На
социјалните мрежи беа објавени видеа на кои се гледа како полицијата удира луѓе
со пендреци, како влечат гласачи од избирачките места за коса, како се
употребуваат гумени куршуми кон граѓаните и како шпанските безбедносни сили
напаѓаат каталонски пожарникари.
“Летаа хеликоптери што дополнително предизвикуваа паника кај Каталонците, кои одбиваат да бидат насилни и достоинствено го бранат своето право на глас.Полициската акција претежно беше концентрирана во Барселона, главниот град на Каталонија.На шпанските медиуми нема ништо за случувањата, си оди најнормална дневна неделна програма”- додава Сандра.
Каталонија е најбогатиот регион во Шпанија. Сепак по број на жители се околу 10% од вкупната популација во земјата. Вели претежно се полиберални од останатите региони во насока на поддршка на бегалци, почитување на мулти- културно минато, против корида.Борбата за независна Каталонија трае веќе некое време. Луѓето раскажува Сандра, го живеат протестот буквално секојдневно.

“Ова однесување на полицијата и секојдневниот притисок дополнително ги налути луѓево тука, па и тие што не планирале да гласаат, се мотивирани да излезат и да го сторат тоа. Запознав неколку млади кои специјално се вратиле од странство за да гласаат. Каталонците се неверојатно активни по прашањето. Скоро на секој балкон има закачено знамиња на Каталонија и неофицијалното знаме кое вклучува бела ѕвезда на плава позадина и пароли. Луѓето носат големи знамиња секојдневно, додека протестираат, пијат кафе, се возат во метро, одат на плажа итн. Освен ова, нема настан, дали е тоа свирка, театар, фестивал, празнична прослава, да не напраат нешто поврзано со референдумот. Мора да ги има истакнато официјалните пароли, да се оддржи барем еден говор за независна Каталонија, да се испее химната и слични активности. Секој ден во 10 часот навечер излегуваат на балкони и тропаат на тенџериња, и буквално ечи цела Барселона (во сите маала). Има штрајкови, и тогаш буквално секоја втора продавница, и секое школо, факултет едноставно не работи”- додава Сандра.
Ова не е прв референдум, туку последователен на оној од 2014 година. Тогаш во голем дел населението изгласува за независност, но Шпанската влада не го признава истиот за уставен, што беше основ за апсење на голем број локални политичари, државни службеници и градоначалници минатата недела. Истите се товарат за заговарање против државата.Во меѓувреме вели Сандра се случувава и црна медиумска кампања против Каталонија во останатите региони, што допринесува да шпанските власти имаат делумна поддршка за своите недемократски активности во Каталонија. Шпанската влада почнала да ги запира фондовите на сите универзитети во Шпанија. Борбата за независна Каталонија во очите на многумина според неа е борба за оттргнување од конзервативните елити и формирање на нова држава со пролиберални дискурси.
Мадрид од старт го прогласи референдумот за неуставен и најави дека нема да ги признае резултатите. Референдумот беше суспендиран од шпанскиот Уставен суд, а полицијата конфискуваше гласачки ливчиња и кутии пред и на почетокот на спроведувањето на референдумот.Регионалното министерство за здравство соопшти дека 844 цивили се повредени во судирите во неделата, додека шпанското министерство за внатрешни работи изјави дека и 33 припадници на полицијата и на цивилната гарда побарале лекарска помош. Пораки на загриженост од насилните сцени стигнаа од Хјуман Рајтс Воч, кои ги повикаа шпанските власти да го почитуваат правото на граѓаните на мирни собири и да се воздржат од насилство. Неофицијално, според првичните резултати, „за“ независност се изјасниле 90% од вкупниот број на гласови.
