Кримски Татар кој го продава државниот имот стана министер за одбрана на Украина
Руистем Умеров денеска официјално е назначен за нов министер за одбрана на Украина, откако украинскиот парламент денеска изгласа смена на Олексеј Резников.
Отстранувањето на Резников од функцијата беше поддржано од мнозинството народни претставници во Врховната. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата објави дека го разрешува Ренизков, а вчера самиот министер поднесе оставка. Зеленски за нов министер го предложи Умеров, поранешен пратеник, кој моментално раководи со Фондот за управување со државниот имот.
Умеров (41) е кримски Татар, а роден е во Самарканд, Узбекистан во семејство кое било депортирано од тогашниот советски Крим во 1940-тите.
Од 2020 година, Умеров е член на работната група на украинската влада која работи на стратегија за ставање крај на руската окупација на Крим.
Тој ја рестартираше и продажбата на државниот имот, со што се зголемија државните приходи за време на војната.
Умеров, тогаш пратеник од проевропската партија Холос, стана шеф на Фондот за државен имот, агенција која продава државен имот на приватни инвеститори, во септември 2022 година.
Британската агенција наведува дека Умеров е одговорен за тоа што Фондот за државна сопственост немал корупциски скандали откако тој е на чело.
Умеров, за кој се вели дека е способен преговарач, беше член на украинскиот тим кој преговараше со Русија во март 2022 година, еден месец по почетокот на руската инвазија.
