КРИМ: Референдумски прашања што однапред го навестуваат исходот
Милион и пол гласачи на полуостровот Крим денеска се изјаснуваат на рефендумот за отцепување од Украина и приклучување кон Русија. Гласачките места се отворени од утрово, иако најголем дел од меѓународната заедница го осуди референдумот, а руски вооружени сили се распоредени на Крим.
Прашањата поставени на референдумското изјаснување не оставаат многу простор да се очекува дека ќе се задржи статус кво на оваа област. Жителите на Крим одговараат на две прашања:
1.Дали сте за приклучување на Крим кон Руската Федерација како федерален субјект?
2.Дали сте за обнова на кримскиот Устав од 1992 година и статус на Крим како дело од Украина?
Но, и второто прашање подразбира независност на Крим. Од утрово отворени се 1.500 гласачки места, а за успешност на референдумот потребно е на гласање да излезат повеќе 50% од гласачите.
Кримскиот Полуостров е единствена област во Украина каде што мнозинство е руското население, а малцинства се Украинците и Татарите. Со површина од 26.200 километри квадратни, или малку поголема од Македонија, оваа област стана дел од Украина пред 60 години, а претставува база за руската војска веќе 230 години.
Референдумот на Крим ја предизвика најлошата криза во односите меѓу Русија и западните земји од Студената војна и е причина за огромна напнатост не само на Крим, туку и во цела источна Украина. Според прорускиот кримски премиер Сергеј Аксјонов, ако граѓаните како што очекува ја потврдат определбата за отцепување од Украина, припојувањето кон Русија би можело да се случи најдоцна за една година.
Слично
