Крајбрежната стража потврди за подморницата Титан: Сите патници загинале
Отпадоците откриени во близина на потонатиот брод Титаник припаѓаат на исчезнатата подморница Титан. Сите патници загинале, потврди крајбрежната стража.
Пронајдени се пет делови од подморницата. Некои од нив се од капсулата што го одржувала притисокот внатре во подморницата.
Официјален претставник на крајбрежната стража рече дека конусот на носот, кој се наоѓа надвор од трупот на погонот, е првото пронајдено парче. Потоа пронашле „многу отпадоци“.
Американската крајбрежна стража ќе започне со демобилизација на персоналот во следните 24 часа. Адмиралот Маугер вели дека моментално има девет бродови на местото на настанот и додека потрагата за повеќе детали продолжува.
„Имаме медицински персонал на лице место, имаме и други техничари на лице место и ќе започнеме со демобилизација на персонал и пловните објекти во следните 24 часа. Ова е неверојатно тешка и опасна средина за работа“, вели тој.
Крајбрежната стража работи на расветлување на деталите за несреќата. Засега сè укажува на имплозија што се случила при спуштањето кон потонатиот брод Титаник.
Претходно, компанијата „Оушн Гејт“, која е сопственик на подморницата, објави дека верува дека сите од екипажот се загинати.
Туристичката подморница Титан исчезна во неделата додека се спушташе до потонатиот брод Титаник, кој се наоѓа на 3.800 метри под морето во близина на брегот на Њуфаундленд, Канада.