Крај за популистите како Болсонаро или реванш на трампизмот?
Своевидна реприза на упадот во Капитол Хил се
случи на речиси ист датум но, во Бразилија во централните институции кои
требаше да ги преземе новиот претседател Лула, кандидатот на обединетата левица
кој го порази популистот и десничарски „клон“ на Трамп во Латинска Америка.
Сцени со гневни демонстранти, уништување на канцеларии на државниот врв и
интервенција на вооружените слики.
Така Бразил, но и светот, особено државите во кои дејствуваат „афилиејт“ политички движења на трампизмот ја дочекаат новата година, давајќи сигнал како ќе се одвиваат понатамошните политички разврски.
За разлика од Доналд Трамп и упадот во Капитал Хил, протестите во Бразил беа масовно осудени од целиот естаблишмент, кој ги сочинува сите страни на политичкиот спектар, па дури и автократски режими, смета политикологот Иво Ранѓеловиќ со кого анализираме дали со падот на „Тропскиот Трамп“ следи и дефинитивен пораз на десниот популизам.
Дали „Тропскиот Трамп“ е еквивалент на поранешниот американски претседател и колку упадот во Бразилија има сличности или разлики со упадот на Капитол Хил на 6 јануари 2021 година?
- Траекторијата по која делуваше поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, е несомнено налик агендата на Доналд Трамп за време на неговото претседавање. Тој беше во постојана борба со премисите на демократијата и институциите на постоечкиот поредок. Неговото владеење го одбележа и познатиот “hated cabinet” во кој делуваа неговите синови и бројни влијателни личности во тамошната јавност, негирајќи го концептот на фер и слободни избори особено преку електронско гласање, ММФ, Светска банка, глобалното затоплување, ЛГТБ заедницата и многу други либерални вредности.
Болсонаро е се повеќе изолиран и ја губи поддршката од неговите политички поддржувачи од соседството, како што се највисоките претставници на Уругвај, Парагвај и Еквадор (сите беа присутни на инаугурацијата на Лула да Силва). Да не зборуваме за Аргентина и Чиле.
Од друга страна, Доналд Трамп е најсериозниот кандидат за претседател на САД помеѓу републиканците, додека упадот на Капитол Хил немаше суштинско влијание врз неговиот политички рејтинг, барем засега. Заклучокот е дека и покрај истата методологија на десничарско-популистички делувања, политичките судбини на Болсонаро и Трамп дивертираат една од друга, потенцира Ранѓеловиќ.
Болсонаро и Трамп ги изгубија изборите, но и двајцата и натаму тврдат дека изборниот процес бил „наместен“ при што го срушија кредибилитетот на државните институции. Колку овие движење може да се реплицираат во други држави на светот и не очекува ли нова фаза на политичко делување кое се карактеризира со рушење на постоечкиот поредок?
- Не сум убеден дека го срушиле кредибилитетот на институциите, особено не во САД, но нивниот обид е несомнено сериозен. Многумина пак, ги опишуваат овие обиди како судир на автократијата со демократијата, што ја карактеризира транзицијата на постоечкиот поредок кон мултиполарноста како цел. Сепак, многу од овие автократски налети ја загубија својата иницијална моќ, ако земеме предвид дека истите ја загубија власта во една од најголемите демократии во светот (САД) и најголемата демократија во Јужна Америка (Бразил).
Иво Ранѓеловиќ, политиколог
Изминатава година ја одбележа и тектонското поместување на владите низ безмалку цела Јужна Америка кон лево, познато низ политичкиот жаргон како розовата плима, која започна со изборот на левичарска влада во Мексико во 2018, подоцна и во Аргентина (2019), преку Боливија (2020), Хондурас, Чиле и Перу (2021), па се до победите на левичарите во Колумбија и Бразил во 2022 година.
Ако на ова се надополни не така цврстиот рејтинг на Путин по воената инвазија врз Украина, станува дискутабилен успехот на ваквите модели во перспектива, особено поради фактот што истите не ги испорачуваат суштинските теми за кои се залагаат (Џорџа Мелони во Италија). Доследно да го потенцираме и јасниот неуспех на многуте левичарски влади кои децении наназад се залагаа за либераланите вредности на глобализмот, во чие име направија кобни грешки кои ја прават левичарската идеологија заслужна за подемот на ултра-десничарските партии кои пак му пркосат на естаблишментот, посочува Ранѓеловиќ.
Несомнена е поврзаноста на стратезите кои работеа на Брегзит, Америка повторно голема, и Бразил над се, особено со вклученоста на советници како Стив Бенон. Зошто нивната реторика беше првично толку привлечна за масите и што доведе до нејзин (делумен) пораз. Исто така дали може да се очекува реванш на трампизмот во следните години?
- Практицирањето на ваквите реторики значи фокус на најсентименталните теми односно проблеми во секојдневието на секој граѓанин. Особено делот од населението на една земја кое не фатило чекор или пак е жртва на глобализациските динамики, капитализмот, модернизацијата. Логично, тоа подразбира обичен народ наспроти елитите. Теоретски примамлива реторика која го доживува својот пад во моментот кога една таква партија ќе дојде на власт. Тогаш се соочувате со реалноста која вели дека светот е неверојатно поврзан, зависен помеѓу државите и исклучително непредвидлив во делот на технологиите и модернизацијата.
Судирот со реалноста посочува и потреба за соработка, а не повлекување од светската сцена, потреба за колективно решавање на глобални проблеми (климатски промени, ковид пандемија, имиграција) и заедништво во создавањето иднина за оваа планета. Затоа сметам дека оваа реторика нема суштинска вредност да се наметне како алтернативен систем на постоечкиот.
Во случајот на САД и Доналд Трамп, претстојните претседателски избори сносат енормна важност за судбината на горенаведената реторика, особено доколку Трамп ги загуби изборите како евентуален кандидат од редовите на републиканците, кој во моментов има сериозни шанси за нов подвиг, смета Ранѓеловиќ.
Колку сме далеку или можеби блиску до несогледливи последици како на пример воени хунти и државни удари за кои отворено се залагаат самите поддржувачи и симпатизери на ваквите движења, како и отворена поддршка за воведување автократски режими?
- Низ призмата на светот или планетава како единствено место за конвенционален живот, веќе чекориме по маргините на разумот кога станува збор за последиците.
Климатските промени ја уништуваат планетата, а со тоа и го доведуваат под знак прашање опстанокот на човечката цивилизација. Е сега, замислете, протагонистите и поддржувачи на овие реторики и автократски практики не само што не ги адресираат овие проблеми, туку и ги негираат.
Пред неколку дена случајно наидов на една изјава на официјално лице на Републиканската партија во САД, откако неговиот дом бил уништен од несвојствен ураган за овој дел од годината во Флорида. Новинарот го прашува дали сега верувате во климатските промени откако вашиот дом е уништен, а тој вели дека верува, но повеќе верува во капацитетот на својата партија отколку во последиците од климатските промени! - Среќна нова 2023-та година, порачува Ранѓеловиќ.
Х. С.