Крадци заробени во тунел ископан за грабеж на банка во Рим
Пропадна обидот на четири лица да ограбат банка во Рим, што доколку се реализира би наликувало на сценарио од познатата серија „Money Heist“.
Четворицата разбојници биле заробени од маса земја во тунелот што го ископале за да влезат во трезорот на банката лоциран на Via Innocenzo XI и била потребна интервенција на полицијата и пожарникарите за да ги извлечат живи.
Тројца од осомничените брзо биле спасени, додека четвртиот пожарникарите го пронашле по неколку часа на длабочина од шест метри.
Од истрагата излезе дека разбојниците почнале да копаат од подот на комерцијален простор и отвориле навистина голем тунел, но всушност не ги процениле сите технички работи, што потоа резултирало со нивно заробување.
Во моментов полицијата им изрече мерка притвор само на двајца од осомничените, бидејќи другите двајца се здобиле со бројни повреди и се во болница. Според властите, двајца од разбојниците се од Неапол, додека другите двајца се жители на Рим.
