Контра протести во Барселона за единствена Шпанија
Не сите жители на Барселона се за отцепување на Каталонија и затоа денеска излегоа на контра протести на кои се заложија за единствена Шпанија.
Демонстрантите во Барселона извикуваат „Да живее Шпанија“, „Јас сум Шпанец“ и „Барселона припаѓа на Шпанија“. Тие бараат и апсење на разрешениот регионален лидер Карлес Пуџдемон.
На протести под мотото „Ние сите сме Каталонија“ повика прошпанската организација Сосиедад Сивил Каталана. Во соопштение СЦЦ најави дека ќе работи на помирување на унионистите и сепаратистите, односно на мирен соживот во регионот на североистокот на Шпанија.
Мадрид вчера воведе принудна управа во Каталонија, откако регионалниот парламент во Барселона во петокот прогласи независност.
Нови избори се закажани за 21 декември. Шпанскиот премиер Маријано Рахој во меѓувреме ја ополномошти својата заменичка Сораја Саенц де Сантамариа да ги преземе задачите во регионот.
