КОНФЛИКТ меѓу Берлин и Лондон: Меркел бара од Камерон да си го плати долгот кон ЕУ!
Германија порача дека секоја земја-членка на ЕУ треба да си ги исполни обврските кон Унијата, при тоа индиректно опоменувајќи ја Велика Британија која се изјасни дека нема намера да ги уплати бараните 2,1 милијарди евра во европскиот буџет што ги побарува Брисел од Лондон.
Ставот на германската Влада е дека треба да се почитуваат правилата, изјави портпаролка на германскиот министер за финансии Волфганг Шобле.
Европската комисија повремено ги проверува и прилагодува финансиските придонеси од секоја земја-членка врз основа на нивниот бруто домашен производ. Со ова, некои земји добиваат поврат на средства, а други треба да уплатат повеќе. Тоа се случува сега и со Велика Британија, која според пресметките на Комисијата во буџетот на ЕУ треба да уплати дополнителни 2,1 милијарди евра.
Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека неговата земја нема намера да ја изврши уплатата, со што заработи пофалби од евроскептиците од земјата.
Лондон ја обвинува Комисијата дека барањето е неприфатливо. Брисел, пак, не сака да попушти стравувајќи дека доколку Лондон биде ослободен од уплатата истото ќе го побараат и други земји-членки на ЕУ.
Слично
