Колку пари Америка издвојува за ЦИА и НСА?
За 2013 година ЦИА побарала буџет од 14,7 милијарди долари, а според најновите информации бројот на вработени во таа тајна служба надминал 21.000, пренесува „Јутарњи лист“.
Овие податоци вчера ги изнел „Вашингтон пост“, повикувајќи се на документите кои ги обелодени поранешниот соработник на ЦИА Едвард Сноуден.
Како што пренесува „Јутарњи“, ова е првпат да се објават детали од буџетите на 16-те американски разузнавачки агенции, или таканаречените „црни буџети на САД“.
Американската влада секоја година го објавува само вкупниот буџетски расход за „тајните“ служби, како што на пример било објавено дека за службите за безбедност во 2012 биле одвоени 55 милијарди долари, а за буџетската 2013 година владата побарала од Конгресот 52,6 милијарди, а за 2014 година 48,2 милијарди долари.
На ова треба да се додадат и средствата што се издвојуваат за военоразузнавачките програми на Пентагон (23 милијарди во 2013 и 14 милијарди побарани за 2014).
Во една од тие американски агенции вработени се дури 107.035 луѓе, меѓу кои речиси 35.000 работат на шифрирани проекти, вклучувајќи ја и Националната безбедносна агенција НСА, задолжена за следење на комуникациите во светот и електронско набљудување.
По ЦИА, чиј буџет изнесува 14,7 милијарди долари, најголем буџет уште имаат и НСА со 10,8 милијарди и Националната агенција за извидување НРО со 10,3 милијарди. НРО е задолжена за американските шпионски сателити.
Во едно поглавје на документите кои стигнаа до јавноста благодарение на Сноуден, се истакнува дека САД „непрекинато“ ја надгледуваат Северна Кореја со помош на фотографски снимки, земање на примероци од воздухот и снимање со инфрацрвени камери за да се открие нуклеарната активност на комунистичкиот режим.
Од документите се дознало дека по нападот од 11 септември 2001 вкупниот буџет наменет за разузнавачките служби е удвоен и се проценува на над 500 милијарди долари од 2001.
„Денешниот свет е понестабилен отколку во последните 50 години“, изјавил за „Вашингтон пост“ Џејмс Клапер, директорот на националната безбедност. „Дури и со зголемувањето на трошоците на разузнавачката заедница, САД трошат помалку од 1 отсто од БДП за разузнавање“.
