Колку новинари се убиени во светот за година дена?
Минатата година била исклучително смртоносна за новинарите во светот, констатира Организацијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО), цитирана од светските агенции.
Лани 115 новинари се убиени во светот. Најмногу новинари биле жртви во Сирија и Ирак.
УНЕСКО ги соопшти загрижувачките податоци во извештајот објавен денеска, по повод Меѓународниот ден за борба против неказнивоста на злосторствата против новинарите.
Најмногу претставници на медиумите се убиени минатата година во Сирија (13) и Ирак (10). Трета со 8, е Франција, каде што сите жртви загинале при нападот врз редакцијата на сатиричниот весник „Шарли Ебдо" во јануари 2015 година. Следуваат Бразил, Мексико и Јужен Судан со 7 убиени новинари. Во Индија, Либија и Филипините загинале 6 претставници на медиуми. Загинувањето на странски дописници обично привлекува најмногу внимание во јавноста. Сепак, 95% од убиените новинари загинале во својата родна земја, наведува УНЕСКО.
