Економија, финансии, бизнис

Контакт

Колку е тешко за бегалците од нула да почнат нов живот во странство?

Колку е тешко за бегалците од нула да почнат нов живот во странство?

Секој бегалец од Украина има различна приказна како се прилагодува во нова работна средина, во туѓа земја, каде мора да учи или да усовршува странски јазик.

44 годишната Људмила Мазур од украинскиот град Харков, поради војната била принудена да замине во Италија, каде работи како медицинска сестра во дом за стари лица. Таа сега го изучува италијанскиот јазик. Зборува руски и англиски и вели дека младите Украинци подобро се снаоѓаат со странски јазици, за разлика од повозрасните.

„Секое бегалско семејство има своја приказна. Некој отишол кај роднини, некој кај пријатели, некој да заработи...Помладата генерација, се разбира, многу подобро зборува англиски. Но, во балтичките земји, на пример, кои доаѓаат од постсоветскиот простор, како Украина, целата генерација над 40 години учеше во советските училишта и сите зборуваат руски, бидејќи во СССР имаше задолжително образование во сите образовни институции на руски јазик. Во советските училишта, странските јазици се изучуваа на многу слабо ниво. Оние кои сакале да научат јазик требале дополнително да учат со тутор или на курсеви за јазици. Сега во Украина има изобилство на училишта за странски јазици и помладата генерација е многу подобра во учењето (главно англиски). На ист начин научив англиски, откако поминав курс по јазик пред 10 години, и кога почнав да патувам во други земји, сфатив дека моето ниво на знаење не е доволно. Но, за жал, не сите Украинци од мојата генерација и постари зборуваат англиски“, вели Мазур.

Додава дека на Украинците им е полесно во Полска, Чешка, Словачка, Словенија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина,  па дури и во Македонија, каде добар дел од зборовите ги разбираат и брзо ќе го совладаат јазикот.

„Европа, која ги прими нашите бегалци, даде најголема помош и поддршка. Нашите бегалци се претежно млади жени со деца. Затоа што, за секоја мајка најважно е да го спаси животот, здравјето и психата на своето дете, така што детето во иднина да нема сериозни ментални нарушувања кои влијаат на целиот иден живот на една личност. Војната е многу страшна! Ова е уништување не само на градови, инфраструктура, туку има и огромен број на смртни случаи. Секој човечки живот за нас е бесценет! Ќе го почитуваме споменот на сите наши загинати бранители“, додава Мазур.

Oбјаснува дека секако е тешко да се најде работа во странска земја. Пред сè, ова се должи на јазичната бариера, но вели дека не сите украински дипломи можат да бидат потврдени во европските земји.

„Во основа, сите бегалци од Украина наоѓаат најнеквалификувана работа, како што велат: каде  можат. Но, некои Украинци работат преку Интернет со далечински пристап на украински ресурси (во зависност од професијата). Не можам да кажам дека бегалците од Украина некако се третираат поинаку од кој било друг народ. Не ни се повредува правото на работа, ниту платата, и секако, многумина нè третираат со разбирање, колку што е можно. Во секој случај, во мое лично име и во име на многу Украинци кои завршија во странство, сакам да им се заблагодарам на Европејците за нивното сочувство, помош и солидарност“, додава оваа Украинка.

Вели дека во нејзиниот град Харков, близу до границата со Русија, долги години комуницирале на руски јазик, но сега револтирани поради војната,  се префрлаат да говорат на својот мајчин украински јазик. За Русите, смета дека најголем дел, се рамнодушни кон ужасите на војната што ги создава руската армија. Според неа, тие само си ги спасуваат животите за да избегнат задолжителна мобилизација. Мазур вели дека многу жители на Харков имаат роднини во Русија, но тие на почетокот од војната немале реална слика што се случува во Украина. По завршување на војната, планира да се посвети на она што претходно волонтерски го работела, а тоа е како водич да донесе што повеќе туристи во Украина, 

Сања Атанасовска

foto EPA/

GEORGE VITSARAS

Слично

Поврзани вести