Колкав е бројот на исчезнати по пожарите на Хаваи?
Властите трагаат по над 300 луѓе кои исчезнаа во пожарите на Хаваи.
Бројот на загинати во шумскиот пожар на Хаваи што избувна на 8 август е 115, но властите предупредуваат дека оваа бројка ќе се зголеми. Спасувачите сè уште ги пребаруваат урнатините на Лахаина.
Официјални лица на Хаваи ги објавија имињата на 338 лица кои сè уште се водат како исчезнати. Списокот на ФБИ вклучува само луѓе со полни имиња и чие исчезнување го пријавил некој чии контакт-информации биле проверени од властите.
„Да не го изгубиме од вид фактот дека имаме уште неколку стотици имиња за кои ни се потребни дополнителни информации“, рече Стивен Мерил, агент на ФБИ во Хонолулу.
Локалната власт на островот Мауи поднесе тужба против Електрична компанија Хаваи и нејзините подржужници обвинувајќи ги за небрежност што предизвикала катастрофални пожари по што изгореа стотици хектари земја.
Во тужбата пишува дека дистрибуцијата ХЕКО „неоправдано ги држела каблите за пренос на струја под напон“ на почетокот на август, иако Националната метереолошка служба објавила предупредувања за силни ветришта и за пожари. Во предупредувањата се алармирало дека силниот ветар може да ги урне столбовите за пренос на елетрична енергија и да поттикне пожар што би можел брзо да се прошири поради сувите состојби.
Ова е најсмртоносниот пожар во САД од шумските пожари во Минесота и Висконсин кои се случија во 1918 година, во кои настрадаа повеќе од 450 луѓе.
Пожарите однесоа 20 жртви и во Грција. Летово пожари имаше во Тунис, Турција, делови од Франција.