Која е единствената жена која загина при уривањето на авионот на Пригожин?
Објавени се имињата на патниците кои загинаа вчера при уривање на авионот во Русија во кој бил водачот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин, а меѓу нив има и една жена.
Кристина Распопова е единствената жена која загина во вчерашната несреќа, таа беше стјуардеса. Загина и копилотот на авионот, Рустам Каримов.
Меѓу загинатите бил и Дмитриј Уткин, кој често бил опишуван како основач или ко-основач на платеничката група, иако неговата точна улога била оспорувана.
Роден во 1970 година, Уткин е поранешен офицер во руската воена разузнавачка служба ГРУ и служеше и во чеченските војни и во Сирија. Тој беше меѓу членовите на Вагнер кои учествуваа во руските операции во источна Украина од 2014 година и добија награди од Кремљ.
Во раните 2000-ти, тој служеше 10 години како командант на Втората бригада ГРУ на границата со Естонија, пред да се повлече од војската. Неговата сопруга раскажа како после тоа му недостигал животот на бојното поле.
Тој е виден на видеото објавено од Пригожин во јули, во кое шефот на Вагнер им се обраќа на борците во Белорусија, каде што беа испратени по прекинатиот бунт еден месец претходно. Во видеото Пригожин претставува човек за кој вели дека е Уткин.
Меѓу жртвите е и Валери Чекалов, долгогодишен сојузник на Пригожин, за кој се верувало дека е задолжен за неговата деловна империја. Се вели дека Чекалов ја надгледувал угостителската компанија на Пригожин, која доставувала храна до училиштата низ Русија и ја хранела армијата. Се смета дека тој управувал со некои од деловните операции на Пригожин во Сирија, вклучувајќи ја и неговата нафтена инвестиција во земјата разурната од војна.
Според руските независни медиуми, Чекалов бил задолжен за аранжманите за патување на Пригожин, што го прави еден од ретките луѓе со познавање на таинствените движења на шефот Вагнер. Тој бил одговорен и за личното обезбедување на Пригожин. Минатиот месец, САД воведоа санкции против Чекалов поради неговите врски со Пригожин и за олеснување на испораката на муниција во Русија.
Меѓу загинатите патници се наведени и членови на личното обезбедување на Пригожин, меѓу кои и Сергеј Пропустин, чеченски воен ветеран кој му се придружил на Вагнер во 2015 година.
На списокот на патници се најде и Јевгениј Макарјан, уште еден од командантите на Вагнер. Макарјан му се придружил на Вагнер во 2016 година и се борел како дел од група платеници за време на руската интервенција во Сирија. Тој, наводно, бил повреден во битката кај Кашам, каде што стотици руски платеници беа убиени по американските воздушни напади врз про-Асад силите.
Загина и Александар Тотмина, Вагнеровец за кој се претпоставува дека е еден од телохранителите на Пригожин.
Прокремљовската телевизија „Царград“, повикувајќи се на свои извори, соопшти дека телото на Пригожин е веќе идентификувано, но ДНК анализата уште не е готова.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок предупреди да не се шпекулира за авионската несреќа во која, според руските власти, загинал Пригожин, јави ДПА.
Украина веќе се огради дека нема врска со смртта на Пригожин.
