Економија, финансии, бизнис

Контакт

Која е единицата „Беркут“ што сее страв на протестите во Украина?

Која е единицата „Беркут“ што сее страв на протестите во Украина?
Името „Беркут“ или „Златен орел“ на украински е синоним за полициска бруталност за опозиционерите и демонстрантите во Киев деновиве. Беркут е елитна единица на украинската полиција, која е обучена за интервенции при граѓански немири и која е во средиштето на смртоносните судири во Украина. Нејзините припадници сега се обвинети за тепање, измачување, па дури и за убиство на неколкумина демонстранти. Видеото на кое припадници на оваа единица принудуваат гол демонстрант да стои на снегот го обиколи светот. Што е всушност Беркут? Припадниците на Беркут, според информациите, се избираат повнимателно, подобро се обучуваат, подобро се платени и имаат подобра опрема од останатите полициски единици во Украина. Единицата била формирана во 1992 година и своите корени ги води од Омон - озлогласената, безмилосна советска полиција „за специјални намени“. Првично, основната цел на Беркут била да се бори против организираниот криминал, но сега тоа е изменето и нејзината намена е „да го обезбедува редот и законот за време на масовни собири“. Медиумите во Украина ја опишуваат Беркут како елитна полициска единица, чии припадници поминуваат низ ригорозни и тешки обуки. Во Беркут можат да аплицираат само украински граѓани кои го отслужиле воениот рок и задолжително имаат најмалку 2-3 години искуство во безбедносните сили. Шансите за прием во оваа единица се зголемуваат ако кандидатот е докажан спортист, известуваат украинските медиуми. Единицата Беркут има 4.000-5.000 припадници распоредени низ цела Украина. Локалните единици се под директна команда на шефовите на регионалните канцеларии на Министерството за внатрешни работи, а не на полициските командири во областа. За овие единици не е невообичаено да се испраќаат од нивната база во други региони. Информациите сега велат дека на сегашните протести во Украина биле донесени припадници на Беркут полицијата од источните делови на земјата, каде што е поголем бројот на поддржувачи на претседателот Виктор Јанукович. Според информациите во украинските медиуми, полицајците од единицата Беркут се за 1,5 до 2 пати повеќе платени од просечниот полицаец во Украина. Освен ова, нивната опрема вклучува дури и потешко вооружување, автоматски пушки и специјални оклопни возила.  
Слично

Поврзани вести