Економија, финансии, бизнис

Контакт

Која беше Ивана Трамп, првата сопруга на Доналд Трамп која почина на 73 години

Која беше Ивана Трамп, првата сопруга на Доналд Трамп која почина на 73 години

Ивана Трамп, првата сопруга на поранешниот претседател Доналд Трамп, со која имаше три деца, почина вчера на 73-годишна возраст.

Според ABC News, таа најверојатно починала од срцев удар.

Ивана Трамп е родена во 1949 година во поранешна Чехословачка како Ивана Зелничкова. Во 1971 година се преселила во Австрија откако се омажила за австриски инструктор по скијање, од кој се развела една година подоцна кога добила австриско државјанство. После тоа, таа се преселила прво во Канада, каде што работела како модел, потоа во Калифорнија, а потоа во Њујорк.

Таа го запознала Доналд Трамп во 1976 година, а парот се венчал во април следната година. Со него имала три деца – Доналд Џуниор, Иванка и Ерик.

Во текот на осумдесеттите и деведесеттите, Доналд и Ивана како дел од јавната сцена во Њујорк привлекоа големо медиумско и јавно внимание.

Ивана активно учествуваше во неколку деловни потфати на Доналд Трамп. Таа беше извршен директор во замокот Трамп, еден од неговите хотели и казина во Атлантик Сити. Таа раководеше со дизајнот на „Гранд Хајат хотел“ кој некогаш го држеше Доналд и „Трамп Тауер“.

Веста за нивниот развод во 1992 година беше централна тема на американскиот печат, а причината за разводот наводно била афера која Трамп ја имал со неговата идна сопруга Марла Мејплс.

Ивана го иницираше разводот, а многумина се сеќаваат на нејзината реченица „Не се лути, земи му сѐ!“. Доналд и плати 25 милиони долари.

По разводот, Ивана се сврте кон модата и лансираше сопствен бренд на козметика, облека и накит.

Кога Доналд Трамп беше избран за претседател на САД, таа рече дека може да „направи големи промени“ во САД и изјави дека го советувала за време на неговата изборна кампања.

„Разговаравме пред и по јавни настапи и тој ќе ме праша што мислам“, рече тогаш таа и додаде дека го советувала да биде помирен.

Таа има напишано неколку книги, вклучително и „Raising Trump“ во 2017 година за нејзините деца и нивното воспитување со Доналд.

„Колку и да бев зафатена, појадував со моите деца секој ден. Седев со нив на вечера секоја вечер и им помагав со домашните задачи пред да излезам во фустан на Версаче на некој хуманитарен настан“, го опишала својот живот во своите мемоари Raising Trump.

На промоцијата на книгата таа изјавила дека разговара со својот поранешен сопруг на секои две недели и дека неговиот директен број го има во Белата куќа.

„Не сакав да му се јавувам почесто бидејќи Меланија е таму и не сакам да предизвикувам каква било љубомора или нешто слично затоа што сум првата сопруга на Трамп“, изјави тогаш таа за медиумите.

Ивана Трамп продолжи со својот бизнис во претходните години, промовирајќи ја италијанската исхрана во 2018 година.

Нејзиното богатство се проценува на 70 милиони долари.


Слично

Поврзани вести