Кој води, а кој заостанува во трката за вештачка интелигенција во Европа?
Европските влади значително заостануваат зад остатокот од светот кога станува збор за примена на вештачка интелигенција (ВИ) во јавните служби, покажува ново истражување.
Според Индексот за усвојување на ВИ во јавниот сектор за 2026 година, кој беше објавен денеска, Франција е рангирана на последно место меѓу десетте анализирани земји. Речиси половина од француските државни службеници никогаш не користеле вештачка интелигенција на работа, и покрај големите државни инвестиции во оваа технологија.
Студијата е објавена од Public First за Центарот за иновации во податоци, со поддршка од Google.
Иако вештачката интелигенција сè повеќе се користи во јавната администрација низ целиот свет, дури 74 проценти од државните службеници во светот користат некаков вид алатка за вештачка интелигенција, а 80 проценти велат дека тоа им ја олеснува работата, само 18 проценти од испитаниците веруваат дека нивните влади ја користат оваа технологија многу ефикасно, објавува Euronews AI Weekly.
Големи инвестиции, мала примена
Меѓу десетте анализирани земји, Франција е рангирана на последно место. Дури 74 проценти од француските државни службеници веруваат дека вештачката интелигенција не може да изврши ниту еден дел од нивната работа, додека околу 45 проценти велат дека никогаш не користат вештачка интелигенција во својата работа.
Само 27 проценти од вработените наведуваат дека нивните институции инвестираат во алатки за вештачка интелигенција, а многумина истакнуваат дека не добиваат јасни упатства од менаџментот за тоа како треба да се користи технологијата.
Поради недостаток на практично искуство, многу вработени во јавниот сектор во Франција не веруваат дека вештачката интелигенција може значително да ја зголеми работната ефикасност.
Во извештајот се предупредува и дека дури 70 проценти од вработените кои користат вештачка интелигенција во организации со слаби упатства го прават тоа „во сенка“, односно без знаење на работодавачот.
Претпазливиот пристап на Европа
На европско ниво, примената на вештачката интелигенција останува ограничена. Франција и Германија се меѓу земјите со изразена претпазливост, каде што вештачката интелигенција главно се користи преку пилот-проекти и од тесен круг експерти.
Велика Британија постигнува одреден напредок, но сè уште има проблеми со инфраструктурата и јасните правила. Околу 37 проценти од британските државни службеници добиле некаков вид обука за вештачка интелигенција, но имплементацијата е нееднаква и многумина немаат пристап до официјално одобрени алатки.
Од друга страна, земји како Сингапур, Саудиска Арабија и Индија се на врвот на листата. Тие комбинираат силна поддршка од менаџментот со секојдневната и широка употреба на вештачката интелигенција во работата на државните институции.
Беа анкетирани 3.335 државни службеници во десет земји, вклучувајќи ги САД, Јапонија, Бразил и Јужна Африка. Анализирани беа ставовите кон вештачката интелигенција, нивото на самодоверба во користењето на технологијата, достапноста на алатките, вклученоста на вештачката интелигенција во секојдневната работа и пристапот до обука.
„Многу влади имаат амбициозни планови за примена на вештачка интелигенција, но само неколку создаваат услови за всушност да ги спроведат тие планови во пракса“, рече Рејчел Волф, извршен директор на „Паблик фрст“.
„Ефективната примена на вештачката интелигенција значи подобри јавни услуги, подобри резултати за граѓаните и поотпорни институции“.
foto freepik.com