КОЈ ЌЕ ЈА ВОДИ ЕВРОПА ПОСЛЕ МЕРКЕЛ - има тројца кандидати
Заминувањето на германската канцеларка Ангела Меркел од политичката сцена по 16 години не само што ќе ја воведе Германија во нова ера, туку и ќе ја разниша рамнотежата на силите во Европската унија.
Нејзиниот наследник на чело на најголемата европска економија, министерот за финансии Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанскиот премиер Марио Драги се сметаат за кандидати да ја преземат нејзината наметка на европски „монарх“.
Но, аналитичарите предупредуваат дека никој од нив не е способен за тоа во моментов, со оглед на многуте нерешени предизвици со кои се соочува ЕУ, од внатрешни спорови околу владеењето на правото - до ризикот од геополитичка маргинализација и последиците од Брегзит.
Пофалена за нејзината цврста рака во водењето на Унијата низ сите кризи, Меркел, која ќе ја напушти политиката кога Шолц официјално ќе биде избран за канцелар во декември, ја напушта сцената, иако сè уште е многу популарна дома и во странство.
Во 16-те години колку што беше на должност, таа беше критикувана дека тврдоглаво се држи до нејзините планови, и покрај протестите на нејзините партнери, но и ја пофалија што не попушта.
„Ангела Меркел се смета за една од најважните политичари на нејзината генерација, како де факто лидер на Европската унија и „лидер на слободниот свет““, рече Себастијан Рајше од шпанската бизнис школа IESE.
Во неодамнешното истражување на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), 41 отсто од европските граѓани изјавиле дека би гласале за Меркел доколку можат. Од друга страна, само 14 отсто го избрале Макрон.
Нејзиното заминување може да го отвори патот за другата половина од моторот на Европа - Макрон - да го преземе кормилото.
