Кој ќе ја има најмоќната армија во Eвропа за две години?
Полска тврди дека за две години ќе ја има најсилната војска во Европа.
Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак изјави дека на неговата земја ѝ се потребни само уште две години забрзана набавка оружје и модернизација на армијата за да ја има најсилната копнена војска во Европа.
„На добар пат сме да го направиме тоа. Потребни ни се уште две години“, кажа Блашчак за државното полско радио.
Министерот за одбрана вели дека оваа година Варшава ќе ги замени советските авиони МиГ-29 со корејски борбени авиони ФА-50, а во соработка со САД во Полска во моментов се разместени и американски авиони Ф-22 „раптор“. Полска купува и американски авиони Ф-35.
„Пилотите на Ф-22 вежбаат со нашите пилоти на авиони Ф-16. Нашите пилоти се спремаат уште следната година да летаат на авиони Ф-35. Наскоро на полската војска ќе ѝ стигнат и американски тенкови „Абрамс“ во 18-та механизирана дивизија која одговара за безбедноста на источните делови на нашата земја“, кажа полскиот министер.
Блашчак го истакна значењето на американското воено присуство во Полска, во која во моментов по систем на ротации се сместени околу 10.000 американски војници.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки кој престојува од вторникот во тридневна посета на САД најави по разговорот со потпретседателката на САД Камала Харис нови американски инвестиции во воената индустрија во Полска.
Претходно, медиумите пишуваа дека Полска станува тенковска сила. По руската инвазија на Украина, полските граѓани стравуваат дека е можно Русија да ги нападне во иднина.
foto EPA
