Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кој е Владимир Путин? Дали сте го знаеле ова за него?

Кој е Владимир Путин? Дали сте го знаеле ова за него?

Нискиот рус човек со леден поглед и најголема моќ на евроазиско тло! Владимир Путин, безмалку дваесетина години е претседател на Русија. Себеси се опишал како „специјалист за комуникација со луѓе“. Внукот на готвачот на Сталин е поранешен врвен оперативец на КГБ за кого во службената белешка при тестирањата за прием супервизорите напишале дека „изразува намалено чувство за опасност“. По распадот на СССР го закачи портретот на Цар Петар во својата канцеларија во КГБ и замина на работа во градската администрација на СанктПетерсбург. Учествуваше во носење на странските инвеститори од калибарот на „Кока Кола“ и „Жилет“. По тоа кариерата ја продолжи во Москва каде за 4 години од водач на совет од средно хирархиско ниво дојде до премиер. Огненото крштевање го имаше во крвавото дисциплинирање на воинствените Чечени. Сега неговата партија во руската „Дума“ има голема доминација

Рускиот претседател Владимир Путин е маркантна личност која апсолутно доминира во руската политика веќе дваесет години. Низок, со изразит светол тен и плави очи, со брзи и отсечни движења кои не се карактеристични на политичари од тој калибар, по начинот на телесна артикулација асоцира на лик што не престанал да биде велемајстор за боречки вештини.

Од почетокот на годинава со јакнењето на украинско-руската безбедносна криза Путин е фокус на европската јавност. И нормално и логично затоа што тој е врховен командант на бројната и опремена руска армија. На крај негова е одлуката дали Русија ќе влезе во војна со помалиот и воено послаб западен сосед, оружен конфликт кој ќе има силно негативно економско и безбедносно влијание врз цела Европа, коj во одредена мерка може да се прелее на блискиот исток, но и подалеку на јужните руски соседи распослани по ширината на централна Азија.

Дали го знаевте ова за Владимир Владимирович Путин?

Роден е како трет син во семејството на Владимир Спиридонович Путин и Мариа Ивановна Шеломова. Претходните деца неговите родители ги губат така што првороденчето починало како бебе, а второродениот син умира на петгодишна возраст од дезинтерија за време на нацистичката опсада на Ленинград во втората светска војна. Неговиот татко служел во подморница, а неговата мајка за време на втората светска војна активно учествувала во одбраната на Ленинград. Дедото на Владимир Путин бил долги години личен готвач на Сталин, најголемиот светски диктатор на сите времиња.

Како дете Путин, според неговите врсници анкетирани во емисии, бил палав иако имал изразито строги родители. Од мал покажал афинитети за боречки вештини и особено за џудото. Тренирал во клубот „Труд“ од Санкт Петерсбург во силна конкуренција на борци од кои еден негов современик успеал да стане и олимписки првак. Путин од мал самоиницијативно покажал силен интерес за учење на германскиот јазик. Токму таа карактеристика потоа ќе го детерминира неговиот ангажман во КГБ со тогашна Источна Германија. Неговата класна наставничка Вера Димитриевсна Гуревич во едно интервју опишувајќи го Путин истакнала „тој не се интересираше многу за девојчињата, повеќе тие се интересираа за него“.

Кога го завршил основното училиште, на чудење на многумина, одлучил да се запише во средно хемиско училиште во неговиот роден град. Конкурирал на правниот факултет. Во едно интервју објаснил дека одлучил да запише Правен факултет затоа што од секогаш сакал да работи за службата (се мисли на КГБ).

Првиот автомобил што го имал Путин  поточно неговите родители бил украински Запорожец . Всушност во СССР автомобилите иако со очаен квалитет биле прескапи. Запорожецот всушност бил среќна добивка на лоз со кој мајка му Марија учествувала во наградна игра. А лозот го добила наместо кусур во месната продавница. Во тоа време Путин бил студент и автомобилот го возел многу често и со него ги превезувал на натпревари и другарите од џудо тимот „Труд“.


Првата љубов на Путин била студентката на медицина која се викала исто како и неговата подоцнежна сопруга Људмила. Се разделиле на ден-два пред закажаната венчавка, што било шок за речиси сите пријатели и за неговите родители. Со единствената сопруга стјуардесата од Калинингад Људмила стапил во брак 1985 година и бракот траел до 2014 година. Со нејзе има две ќерки. Според сведочењето на еден негов близок пријател од младешките години, кој го запознал со сопругата, неверојатно било тоа што Путин, кој важел исклучително одмерен и присебен, прифатил на првата средба да размени телефонски броеви со девојката која станала неговата идна сопруга.

По завршување на факултетот Путин успеал да ги помине сите филтри и да биде ангажиран како оперативец на КГБ. Клучна негативна карактеристика во службената белешка што тогаш му ја дале супервизорите била таа што агентот изразува „намалено чувство за опасност“.

Путин бил испратен на служба во Источен Берлин во тогашна демократска народна република Германија (ДДР) која била во блоковскиот воен сојуз со СССР. Во 1991 година по распадот на СССР Путин со семејството се враќа во родниот Санкт Петерсбург (тогашен Ленинград). Набрзо потоа ја напушта службата. Како спомен од тоа време негов тогашен колега во интервју кажал: „во тоа време на распад на СССР беше популарно во канцелариите да се симнува портретот на Ленин и да се заменува најчесто со портрет на актуелен лидер. Путин во својата канцеларија портретот на Ленин го замина со портрет на Цар Петар.

Кратко по напуштањето на службата Путин добива ангажман во администрацијата ја тогашниот администратор (н.з. како градоначалник) на Санкт Петерсбург. Заради неговите конекции со Германија и познавањето на јазикот добива ангажман да го води комитетот за меѓународни односи. Во негово време околу Санкт Петерсбург се отвараат две нови економски зони за западни инвеститори во кои свои фабрики отвараат мултинационалните компании „Кока Кола“, „Жилете“, „Вриглис“ и неколку фармацевтски компании. Тогаш свои филијали во градот отвараат и источногерманската „Дрезден Банк“ и француската „Пари Банк Национал“.  Воедно во тој период Путин го реализирал проектот за оптичко подморско поврзување на Сант Петерсбург со Копенхаген (Данска) проект што бил закочен подолго време. Во тие бурни времиња на нетрпеливост меѓу централната власт во Москва и локалната во Санкт Петерсбург меѓу другите и Путин бил обвинет за малверзации во трговската размена во која руски државни компании извезувале суровини во замена за стоки за широка потрошувачка од западните земји. Тие обвинувања никогаш не биле докажани. Кратко по промената на градоначалниците на изборите Путин ја напушта управата и останува без работа. По некое време добил повик од Москва... Па втор повик, по кој и добил ангажман. Во тој период од 1995 година до крајот на 1999 година Путин успева да стигне од член на административен совет, еден од многуте во администрацијата на рускиот претседател, до премиер на Руската федерација.

Кое е „огнено крштевање“ на Путин?

Чеченската криза е „огненото крштевање“ на рускиот претседател. Најгорливиот проблем на современа Русија која ескалираше во тие неизвесни години. Путин на нему својствен начин, на едни од најозлогласените терористи и сепаратисти им одговори со уште повеќе терор. Руската војска немилосрдно го претвори градот Грозни во урнатини, но не дозволи Чеченија и нејзиното прашање за самоопределување да добие меѓународен третман. Мноштвото од рускиот народ по исходот на оваа крвава епопеја му ја довери својата доверба на Владимир Путин како прв претседателски мандат.

Се потоа е детално опишано на страниците на Википедија...

Фото: EPA/ MIKHAIL KLIMENTYEV / KREMLIN / S

Слично

Поврзани вести