Кој е Андреј Трошев, новиот шеф на „Вагнер“?
Eдно од неговите имиња е „Седи“. Го добил, велат, затоа што рано, како млад човек, веќе имал седа коса, уредно потстрижена во војнички стил. Владимир Путин им го предложил на борците „Вагнер“ за лидер. Дека командата со групата ќе ја преземе Андреј Трошев, кој го носи прекарот „Седи“, се заклучува од коментарите што Путин ги дал за рускиот дневен весник „Комерсант“.
„Комерсант“ наведува дека „Вагнер“ не постои според руските закони, додавајќи дека Путин рекол дека руската влада ќе ја одреди правната рамка на организацијата. Путин наведе голем број опции за иднината на платениците на „Вагнер“, вклучително и поставувањето на „Седи“ Андреј Трошев за нивен лидер.
„Тоа имплицира дека сите остануваат собрани на едно место и продолжуваат да служат. Ништо не би се сменило за нив. Нив ќе ги води истата личност која цело време беше нивниот вистински командант. Многумина кимнаа со глава кога го кажав ова. А Евгениј Пригожин, кој седеше пред нив и не го виде климањето, рече: „Не, момците не се согласуваат со таа одлука“, ги пренесе „Комерсант“ зборовите на Путин.
„Седи“ Андреј Трошев е пензиониран руски полковник, еден од основачите и извршен директор на групата „Вагнер“, според документите за санкциите објавени од Европската унија. Трошев беше началник на штабот на групата за време на нејзината операција во Сирија. Санкциите на Обединетото Кралство од мај 2022 година, исто така, го идентификуваат Трошев како извршен директор на приватна воена група која „го репресираше цивилното население во Сирија“.
Трошев е под лични санкции на ЕУ со образложение дека го поддржувал режимот на претседателот Башар ал Асад во битката за Палмира против Исламската држава. Носител е на Орденот Херој на Русија за храброст, воени заслуги и Орден на Црвена звезда.
Андреј Николаевич Трошев (61), пензиониран полковник од 2014 година, учествувал во авганистанската и втората чеченска војна. Роден е во Ленинград, каде што дипломирал на Артилериската академија. Во Авганистан командувал со батерија и два пати бил одликуван со Орден Црвена звезда, а во Чеченија со два ордени за храброст, како и за заслуги за татковината. Потоа командувал со одредите на специјалните сили ОМОН и СОБР.
По пензионирањето се борел со „Вагнер“ во Сирија, а бил и началник на Генералштабот во Украина. Андреј Трошев ја предводеше службата за безбедност која беше поврзана со Федералната служба за безбедност (ФСБ), наследникот на советската КГБ. Некои тврдат дека се обиделе да го регрутираат Трошев за агент на ФСБ во групата „Вагнер“. Сепак, ФСБ никогаш официјално не дојде да ја провери базата на групата со која командуваше „Седи“.
Валери Пригожин веќе не е во „преден план“, а западните аналитичари дури тврдат дека е мртов или во затвор. И дека повеќе нема да биде во јавност. Сега на чело на „Вагнер“ е Трошев или барем она што остана од оваа групација. Наводно, тие се во Белорусија, се прегрупираат, на одмор, а некои велат дека станале инструктори за белоруски војници.
