КОИ ЗЕМЈИ ГИ ВАКЦИНИРААТ ДЕЦАТА ПРОТИВ КОРОНА И ЗОШТО Е ТОА ВАЖНО - од Азија до Европа и Америка
Европската комисија во петокот одобри употреба на вакцина Фајзер против коронавирус за деца постари од 12 години, со што се отвори патот за вакцинација на тинејџери во Европската унија откако веќе беше одобрена во некои земји во светот.
Сепак, додека богатите земји вакцинираат адолесценти, многу делови на светот сè уште чекаат дози за постари и поранливи луѓе, што предизвика загриженост. Светската здравствена организација (СЗО) ги охрабрува богатите земји да донираат вакцини на програмата „Ковакс“.
Во моментов, само вакцината Фајзер е во оптек за вакцинирање на деца, бидејќи само тој производител заврши студија за влијанието на вакцините кај децата. Модерна, исто така, ја тестираше вакцината кај деца постари од 12 години, а се покажа дека е безбедна и ефикасна и во таа возрасна група, но регулаторната потврда сè уште чека.
Ова се земји кои одобриле или размислуваат да одобрат вакцинација на деца.
Европа
Франција ќе започне да ги вакцинира тинејџерите постари од 12 години со вакцината Фајзер на 15 јуни. Владата се надева дека ќе избегне затворање на училиштата во септември.
Германија и Полска планираат да ја понудат првата доза на деца на возраст од 12 до 16 години од 7 јуни.
Литванскиот премиер рече дека земјата може да започне со вакцинирање на деца постари од 12 години во јуни.
На 31 мај, Италија одобри проширување на употребата на вакцината Фајзер на возраст од 12-15 години.
Естонија може да започне со вакцинирање на тинејџери до есен, објави јавниот сервис ERR, повикувајќи се на шефот на владиниот совет за борба против ковид.
Австрија има намера да вакцинира повеќе од 340.000 деца на возраст од 12 до 15 години до крајот на август, така што учебната година може да започне непречено.
Унгарија започна да вакцинира тинејџери постари од 16 години во средината на мај.
Велика Британија во петокот го даде очекуваното одобрување за вакцинирање на лица постари од 12 години.
Норвешка го разгледува претстојното воведување вакцинација на деца кои имаат голем ризик од сериозна ковида-19.
