Кои се најмоќните пасоши на светот?
Јапонскиот пасош е најмоќен во светот, а македонскиот е на 42. место.
Јапонија со години е на првата позиција, и граѓаните на таа земја можат слободно, односно без визи, да патуваат во дури 192 земји, што е подобрување во однос на 2018 година, кога Јапонците можеа да заминат во 189 земји без визи. Оваа земја го дели првото место со Сингапур.
Индексот за пасоши на „Хенли“, покажува дека германскиот и јужнокорејскиот пасош се на второ место, а третото место го делат Финска, Италија, Луксембург и Шпанија, чии граѓани можат без виза да одат во 189 земји. На четвртото место се Австрија, Данска, Франција, Холандија и Шведска. Нивните граѓани без виза можат да влезат во 188 земји. Ирска и Португалија се на петтото место, а потоа следат Белгија, Нов Зеланд, Норвешка, Швајцарија, Обединетото Кралство и САД. Романија е на 16-то место (174), а Бугарија на 17-то (173).
Во регионот, Словенија е најдобро рангирана. На 10-то место се Словенците и тие заедно со Естонците и Литванците можат да патуваат во 181 земја во светот. Хрватскиот пасош е на 17-та позиција (173 земји).
Пасошот на соседна Србија е на 36-то место со можност за патување во 135 земји. Македонците без визи можат да се патуваат во 125 земји. Црногорците со пасош, кој е на 43. место, можат без виза да патуваат во 123 земји. Пасошот на Босна и Херцеговина (БиХ) е на 47. место (117), Албанија на 49-то место (114). Најлошо рангирани се Авганистан, Ирак, Сирија, Пакистан, Јемен и Сомалија, чии граѓани без визи можат да патуваат во околу 30 земји.
