Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кои се Могерини и Туск – новите фронтмени на ЕУ?

Кои се Могерини и Туск – новите фронтмени на ЕУ?
Полскиот премиер Доналд Туск е вториот претседател на Европскиот совет и првиот претставник на толку висока функција од земјите од централна и источна Европа, кои на Унијата и се приклучија во последните 10-тина години. Од ноември 2007 година е претседател на полската Влада. Во долгата и успешна политичка кариера бил и пратеник и потпретседател на полскиот Парламент, а од 2003 до 2007 година и парламентарен лидер на полската опозиција. Роден е во 1957 година  во Гдањск, а по професија е историчар. Според етничко потекло е Кашуб. Кашубите се мал словенски народ кој живее во полската покраина Померанија, од кои најголем дел се идентификуваат со Полјаците. Основач е и претседател на партијата Граѓанска платформа, која важи за политичка организација од десниот центар. Важи за либерален политичар, но со конзервативни ставови за одредени прашања. Туск се смета за човек од доверба и личен пријател на германската канцеларка Ангела Меркел. Оженет е и татко на две деца. Во последните месеци често се огласува со реакции за случувањата во соседна Украина, при што редовно ја зазема страната на властите во Киев и ја критикува Москва за вмешување во украинската криза. Најголема забелешка на негова адреса е слабото познавање на странски јазици. Шефицата на италијанската дипломатија Федерика Могерини ќе биде новата висока претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Пред само половина година таа беше избрана за министерка за надворешни работи во Владата на пртемиерот Матео Ренци. Претходно извршувала различни партиски функции во Демократската партија на Италија, била претседавач со италијанската делегација во Парламентарното собрание на НАТО и член на делегацијата во Парламентарното собрание на Советот на Европа. Родена е во Рим во 1973 година и мајка е на две ќерки. Била стипендист на Маршаловиот фонд, а по образование е дипломиран политиколог. Италија не се откажа од нејзината номинација за високата европска функција, иако на претходниот самит на 1 јули таа не ја доби поддршката од земјите-членки на ЕУ заради нејзиното слабо политичко искуство, но и заради нејзината наводна наклонетост кон Русија. Противниците и забележуваа за преголема попустливост кон Москва, а особено за нејзината изјава дека гасоводот Јужен тек ќе биде изграден. За нејзиниот избор интензивно лобираше италијанскиот премиер Ренци, кој во последниот месец успеа да ги убеди скептичните колеги дека Могерини е вистинската личност за оваа функција. Притоа, особено важна беше поддршката од францускиот претседател Франсоа Оланд.
Слично

Поврзани вести