Koи се двете грешки кои Путин ги направи во војната во Украина?
Според генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг , рускиот претседател Владимир Путин направи две грешки во војната во Украина.
Тој во својата авторска статија за „Фајненшл тајмс“ пишува дека 2022 година била најпредизвикливата година за европската безбедност од Втората светска војна. Пишува дека оваа година била исклучително болна за граѓаните на Украина, но дека била и „година на лош неуспех“ за рускиот претседател. Тој наведува две големи стратешки грешки што ги направил рускиот лидер.
„Прво, Путин ја потцени Украина. Мислеше дека може да го освои Киев и да ја обезглави владата за неколку дена. Десет месеци подоцна, украинскиот народ, вооружените сили и раководството продолжуваат да ја бранат својата татковина со вештина, храброст и решителност што го инспирираа светот“, пишува Столтенберг.
Според него, втората грешка на Путин беше потценувањето на единството на НАТО.
„Мислеше дека може да нè подели и да нè одвлече од поддршката за Украина“, пишува Столтенберг.
Понатаму, набројува дека десетици илјади руски војници се повредени или убиени. Приближно еден милион луѓе ја напуштија Русија од почетокот на годината. Вели дека оваа војна ја направи Русија посиромашна и поизолирана отколку што беше со децении.
foto EPA/VLADIMIR GERDO/SPUTNIK/KREMLIN / POOL
