Kои пет европски земји заеднички ќе произведуваат нови автономни дронови?
Петте европски членки на НАТО денеска објавија дека ќе работат заедно на развој на нови автономни дронови со ниска цена за зајакнување на воздушната одбрана од Русија, пренесе „Бета“.
Министрите за одбрана на Германија, Франција, Италија, Полска и Обединетото Кралство, група позната како E5, објавија дека ќе ја почнат иницијативата LEAP (Ефектори со ниска цена и автономни платформи) со цел да започнат со производство на дронови во рок од една година.
„Заедно, имаме некои од најдобрите уреди на планетата за соборување на воздушни закани. Уверени сме дека ова е првиот чекор од она што се надеваме дека ќе биде серија иницијативи“, изјави британскиот заменик-министер за одбрана Лук Полард за новинарите по состанокот во Краков.
Полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш рече дека „Европа е мотивирана да продолжи напред“ во однос на одбраната.
Иницијативата ги одразува растечките загрижености за заштитата на европското небо, по серијата воздушни упади низ земјите на НАТО минатата година, од руски борбени авиони над Естонија до роеви дронови што влегоа во полскиот воздушен простор, објави „Политико“.
Иницијативата е дел од поширокиот напор на Европа да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана и да ги зајакне воените капацитети, по притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп и сомнежите во посветеноста на Вашингтон кон НАТО алијансата и заштитата на европскиот континент.
foto printskrin youtube