Клуни: „Вагнер“ убива жени, деца за да нема сведоци
Познатиот холивудскиот актер Џорџ Клуни ја нападна руската воена група Вагнер која војуваше во Украина. Клуни е категоричен дека мора „да се убие вирусот Вагнер“.
Тој изјави дека приоритет на светот треба да биде истрагата за воените злосторства и злосторствата против човештвото, кои ги изврши „Вагнер“. Клуни наведува факти од истрагата на „Сентри“, организација која тој ја основал. Вели дека стратегијата на „Вагнер“ е да не остава сведоци „со убивање очевидци и цивили, вклучувајќи жени и деца“.
Сепак, тој е загрижен дека иднината на криминалната руска вооружена група останува нејасна.
„Она што е јасно е дека „Вагнер“ беше една од најуспешните руски надворешно - политички иницијативи во изминатата деценија. Групата ѝ овозможи на Русија да го прошири своето влијание врз нестабилните држави, особено во Африка, унапредувајќи ги сопствените економски интереси, често преку насилни средства. Нестабилноста на „Вагнер “во овој момент им нуди на Америка и на пошироката меѓународна заедница можност да се соочат со нив“, пишува Клуни во колумна за „Економист“.
Актерот нагласи дека методите на „Вагнер“ може најцелосно да се видат во Централноафриканска Република.
„Вагнер“ му помогна на претседателот на земјата Фаустин-Аршанге Туадера, да регрутира, обучи и опреми паралелна армија посветена на заштита на неговиот проруски режим и сузбивање на опозицијата“.
Тој додаде дека борците од Вагнер имаат „дозвола за грабеж“, користат терор за приватизација и исцрпување на рудното богатство на државата.
Актерот вели дека „Вагнер“ ѝ служи на руската стратешка цел: поткопување на демократијата во Африка. Тој смета дека сега е вистинското време САД и меѓународната заедница да преземат акција против „Вагнер“ и неговиот поттикнувач.
Одлуката на Полска да ги зајакне своите сили по должината на границата со Белорусија поради присуството на борците на „Вагнер“ ја загрижи Русија.
Водачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин им посакува добредојде на платениците во Белорусија, при што ја опиша ситуацијата во Украина како срамна. Пригожин вели дека неговите борци засега не се враќаат во Украина, туку ќе одмораат и ќе се подготвуваат пред следните ангажмани во Африка.
