Клаус: Меркел е непријател, а Европа е во војна
Поранешниот претседател на Чешка, Вацлав Клаус вели дека Европа е веќе во војна и дека на една страна стојат слободите, традиционалните вредности, семејството, суверените национални држави на кои непријатели им се германската канцеларка Ангела Меркел, шефот на Европската комисија Жан Клод Јункер, масовната емиграција, политичката коректност, борбата за човековите права, родовата рамноправност и агресивните хомосексуалци.
Тој присуствуваше на митинг на радикалната десничарска Алтернатива за Германија (АфД) во Хофхајм во близина на Франкфурт за да ги поддржи германските националисти во кампањата пред септемвриските парламентарни избори во Германија.
„Без претерување денес може да се зборува дека Европа е во војна. Борбените трупи на двете страни ни се добро познати. На едната страна, а тоа е мојата страна, стојат слободата, демократијата, традиционалното семејство и нормалното човечко однесување вообичаено низ историјата, суверенитетот на европските национални држави, патриотизмот, патувањата во странство и престојот наместо емиграцијата“- вели Клаус.
Клаус својата страна ја опиша како ненасилна, љубезна и подготвена за дијалог, додека непријателите, меѓу кои ја стави и Меркел ги нарече арогантни и агресивни.
