Ќерката на Кадиров станува вицепремиерка на Чеченија, а син му нема да одговара за тепањето на Русинот кој го запалил Куранот
Ќерката на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, Ајшат добива функција во Владата.
24-годишната девојка ќе биде заменик-премиерка на Чеченија за социјални прашања. Веста ја објави нејзиниот татко на Телеграм. Тој се пофали дека предлогот го доставил до претседателот на чеченскиот парламент.
„Ги поддржав предлозите на Муслим Кучиев. Несомнено, Ајшат Кадирова даде голем придонес за подобрување на активностите на регионалното Министерство за култура и стекна професионално искуство“, напиша Кадиров.
Политичката кариера на Ајшат Кадирова почна како заменик-министерка за култура, а потоа стана и министерка за култура. Ajшат е позната во јавноста од 2020 година, кога во фустан кој сама си го дизајнирала прошета на модна ревија на фестивал во Париз. Тогаш таа имаше 21 година и славеше 10 годишнина од нејзината модна куќа „Фирдаус“.
Инаку, синот на чеченскиот лидер нема да одговара законски за претепување на беспомошен затвореник, објавија денеска медиумите. Во септември, Кадиров објави видео на интернет на кое се гледа како неговиот 15-годишен син Адам тепа затвореник, велејќи дека е горд на својот син.
Тепаниот е 19-годишен Русин, кој беше уапсен во мај за јавно палење на Куранот во Волгоград, а потоа бил префрлен во затвор во Чеченија, руска република со мнозинско муслиманско население.
