„Ќе ве тужам, не сум толку богат!“
Нигерискиот претседател Гудлак Џонатан најави тужба против еден вебсајт затоа што го сместил на листата на најбогати африкански претседатели.
Интернет порталот RichestLifestyle.com проценил дека Џонатан е „тежок“ 100 милиони долари. Но, по заканата со тужба, го повлекол името на нигерискиот претседател од листата на девет најбогати африкански лидери.
На неа, на пример, се наоѓаат и претседателите на Ангола Жозе Едуардо и на Зимбабве Роберт Мугабе. Советникот на нигерискиот претседател Рубен Абати истакнал дека сместувањето на Џонатан на оваа листа претставува „обид за неправедно потретирање на нигерискиот претседател како корумпиран лидер и поттикнување на јавно незадоволство против него“.
Според Абати, имотната состојба на Гудлак Џонатан е „многу, многу далеку“ од наводните 100 милиони долари и дека тој редовно го пријавува својот имот, како што налага нигерискиот закон.
Сепак, во Нигерија, каде се очекува Џонатан да се бори за нов мандат на изборите во февруари, една од главните забелешки против него е токму нередовното пријавување на имотот што го поседува.
„Како што е добро познато, претседателот Џонатан никогаш не бил бизнисмен или претприемач, туку целиот свој живот е јавен службеник. Тој уште од 1999 година нема други приходи освен оние кои му се официјално доделени за извршување на функција“, тврди Абати.
Од интернет порталот било побарано повлекување на спорниот податок, но и безусловно извинување. Обратна ситуација со погрешна проценка на имотот на богатите се случи и минатата година, кога саудискиот принц Алвалид бин Талал го тужеше магазинот Форбс за клевета, затоа што неговото богатство го проценил на 20 наместо на 30 милијарди долари.
Слично
