Ќе се спаси ли здравствена реформа „Обамакер“?
Претседателот на САД Барак Обама денеска ќе се обиде да ја спаси неговата здравствена реформа „Обамакер“, која се соочи со катастрофално лош почеток, бидејќи поради нефункционалноста на интернет страница и високите цени на осигурителните пакети, сaмо незначителен број граѓани се пријавиле за здравствено осигурување.
Се уште не се објавени прецизни бројки за бројот на граѓани кои успеале да пристапат до страницата и да си обезбедат здравствено осигурување според новите правила предвидени со „Обамакер“.
Обама за денеска најави прес-конференција во Белата куќа, на која ќе зборува за неуспехот на интернет страницата, но ќе претстави и луѓе кои сепак успеале да добијат здравствено осигурување.
- Ова мора да се реши, изјави поранешниот спикер на Претставничкиот дом и една од најблиските сојузници на Обама, Ненси Пелоси.
Извори блиски до Белата куќа во медиумите најавуваат дека во тек е целосна мобилизација на информатички експерти, кои деноноќно работат на подобрување на системот.
„Обамакер“, од усвојувањето во 2010 година, предизвика и долготрајна политичка криза меѓу Демократската и Републиканската партија, што доведе и до блокада на Владата од 1 до 16 октомври.
САД имаат околу 49 милиони граѓани без здравствено осигурување.
Една бројка за досегашниот ефект на „Обамакер“ врз ова прашање, која излезе во јавноста, доаѓа од новинската агенција Асошиејтед прес, која повикувајќи се на анонимни извори во Администрацијата на Обама соопшти дека до саботата биле поднесени 476.000 апликации за осигурување.
Но, агенцијата вели дека нивниот извор во Белата куќа не сакал да каже колку од овие апликации завршиле со добивање на осигурителна полиса.
Слично
