Ќе се контролира ли ширењето со суспендирани летови: Велика Британија во изолација
Се проширува листата држави кои ги запираат летовите од и кон Велика Британија. Тоа го сторија и Аргентина и Чиле, а претходно и Канада. Се суспендира движењето од земјата поради ширењето на новиот сој на коронавирусот. Самиот податок кој го потврдија и од Светската здравствена организација ги загрижи властите во Велика Британија шредизвика паника во целиот свет. Борис Џонсон објави дека ги заострува рестриктивните мерки за Лондон и соседните области.
Канадскиот премиер Џастин Трудо ја потврди оваа вест на Твитер, велејќи дека се е направено за да се заштитат Канаѓаните низ целата земја од новиот вид на вирусот кој циркулира во југоисточна Англија и Лондон. Канадската јавна здравствена служба соопшти дека иако се потребни повеќе информации за новиот вид на Ковид-19, „одлуката за прекинување на летовите од Велика Британија за комерцијални и приватни летови ќе важи 72 часа“.
Вчера кон блокадата се приклучија и Германија, Франција, Холандија, Белгија и Италија.
Во Брисел денеска ќе се одржи состанок на кој се очекува одлука дали цела ЕУ ќе се приклучи на ваквата забрана.
Ваквите забрани предизвикаа големи гужви на британските аеродроми.
Британскиот премиер Борис Џонсон за денеска закажа итен состанок на кризниот штаб во врска со меѓународниот сообраќај.
Во Велика Британија од денеска се затворени сите продавници што не продаваат храна и основни намирници. Исто така, забрането е патувањето надвор од овие зони, било во другите делови на Велика Британија, било во странство. Баровите, рестораните и музеите во Велика Британија се затворени од средата.
Британскиот министер за здравство Мет Хенкок изјави дека „новиот вид на вирусиот е надвор од контрола“.
