Ќе го решат ли повисоките цени проблемот со пластичните кеси
Сојузната служба за животна средина (УБА), која воедно е и врховна германска институција за грижа за животната средина проценува дека три четвртини од сметот во светските мориња е пластика, што претставува околу 13 илјади парчиња пластика кои пливаат на секој квадратен километар од морската површина, пишува DW.
Микроорганизмите не можат да ја разградат пластиката и затоа сметот со години и децении останува во водата и притоа предизвикува големи штети. Јажињата и конците од пластика буквално ги задушуваат водените птици, морските цицачи и рибите. Доколку животните проголтаат пластични парчиња од козметика (на пример гранулати), тие умираат поради внатрешни повреди или едноставно изгладнуваат - затоа што пластиката во желудникот предизвикува постојано чувство на заситеност.
Во морињата завршуваат пластични елементи паднати од туристичките бродови, но и преку реките кои сметот го носат од внатрешноста на некоја земја. А во морињата остануваат многу долго. Зависно од големината на пластичната кеса, потребни се меѓу десет и 20 години за брановите целосно да ја разградат.
Еднократна употреба
Сојузната служба за животна средина затоа препорачува намалување на стапката на користење на пластични ќесиња за една употреба. Тие во иднина не би смееле да бидат бесплатни. Досега во Германија нема законска обврска трговците за своите пластични кеси да мораат од муштериите да побараат да ги платат, пишува DW.
Во супермаркетите постабилните кеси додуша веќе чинат (зависно од големината) меѓу 10 и 30 центи, но во многу други продавници муштериите ги добиваат бесплатно. Исто така бесплатни се и тенките ќесиња кои често се користат за овошје и зеленчук на пазарите и во супермаркетите. УБА се фокусира токму на нив, бидејќи ваквите кеси по правило се користат само еднаш и потоа се фрлаат.
За потпретседателот на УБА, Томас Холцман пораката е јасна: кој сака да ѝ помогне на животната средина, мора во целост да престане да користи пластични кеси.
Искуствата на други земји
Ирска имаше добри искуства со воведувањето на цени на пластичните кеси. Ирците во просек годишно трошеа 328 кесички, и тогаш беше одлучено секоја кеса да чини 22 центи. Сега секој Ирец во просек троши само 16 ќесички годишно. Тоа е вистински успех.
Во Европа во просек по глава на жител се трошат околу 200 кеси за еднократна употреба. Германците трошат просечно 76 парчиња. Причина е високата еколошка свест, а и фактот дека рециклирањето на сметот главно добро функционира.
Но, и во Германија има такви кои сметаат дека УБА претерува во своите барање. Апелите за воведување на цени за пластичните ќеси не се премногу популарни дури ни во една „еколошка“ нација како Германија.
Слично
