„ЌЕ ГИ ЗАМОЛИМЕ САД ДА НЕ ОСЛОБОДАТ ОД НАЈАВЕНИТЕ ЦАРИНИ“: Австралија и Јапонија бараат изземање од одлуките на Трамп
Австралиската влада ќе се обиде да ги убеди САД да ја исклучат Австралија од групата земји кои ќе подлежат на царини за извоз на алуминиум и челик, изјави премиерот Ентони Албанес пред австралискиот парламент.
Австралискиот министер за трговија Дон Фарел изјави дека извозот на австралиски челик и алуминиум во САД обезбедува „добро платени американски работни места“ и дека е од клучно значење за заедничките одбранбени интереси, пренесува Ројтерс.
Австралискиот министер за одбрана Ричард Марлес во петокот се сретна со неговиот американски колега Пит Хегсет во Вашингтон во врска со договорот за првата исплата од 500 милиони долари за купување на американски подморници.
Американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 25 отсто за странски увоз на челик и алуминиум во САД.
Тој изјави дека овие даноци ќе важат за „секој челик и алуминиум што ќе влезе во САД“ и додаде дека ќе објави „реципрочни тарифи“ за одредени земји во „вторник или среда“ кои ќе стапат на сила „речиси веднаш“ по објавувањето.
„Многу едноставно, ако ни наплатат, ние им наплатуваме“, им рече Трамп на новинарите кои патуваа со него на „Ер Форс 1“ до финалето на Супер Боул, пренесува Би-Би-Си.
Јапонија денеска побара ослободување од царините од 25 отсто за челик и алуминиум што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп за сите земји без исклучок, објави јапонскиот министер за трговија Јоџи Муто.
„Ќе преземеме цврсти и неопходни мерки додека внимателно ќе го следиме потенцијалното влијание врз јапонските компании“, рече Муто на прес-конференција, алудирајќи на тарифите што Трамп ги најави дека ќе се применуваат „без исклучоци“, објави Кјодо.
Главниот секретар на јапонскиот кабинет Јошимаса Хајаши рече дека барањето е поднесено преку јапонската амбасада во САД.
Според информациите од Белата куќа, тарифите треба да стапат на сила на 12 март, пренесува Танјуг.
Фото: EPA-EFE/YONHAP SOUTH KOREA OUT