Кисинџер: Би сакал преговори меѓу арапскиот свет и Израел
Војната меѓу палестинската терористичка група Хамас и Израел е топ тема во светот и влијателни личности даваат предлози како би можело да се стави крај на крвавите немири.
Екс американскиот државен секретар Хенри Кисинџер кажа дека решението за две држави не е гаранција дека нападите нема да се повторат.
Тој денеска изјави дека решението на израелско-палестинскиот конфликт со две држави не е гаранција дека нема да се повтори тоа што се случи во последните недели. Поддржува мирно решение на ситуацијата на Блискиот Исток, но посочува дека тоа е далеку додека во конфликтот е вклучена палестинската милитантна група Хамас.
„Би сакал преговори меѓу арапскиот свет и Израел. Особено по овие настани, не гледам дека директните преговори меѓу Израел и Палестинците се навистина плодни“, изјави Кисинџер во интервју за швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“.
Кажа дека „формалниот мир“ не гарантира воспоставување на „траен мир“.
„Искуството со Хамас покажува колку е тешко решението со две држави. Во 2005 година, израелскиот премиер Ариел Шарон го направи Појасот Газа квази-независен со цел да ја тестира можноста за такво решение. Сепак, тоа ја направи ситуацијата уште покомплицирана“, рече Кисинџер.
Тој изјави дека состојбата во последните две години е многу полоша отколку во 2005 година. Смета дека Западниот Брег треба да биде ставен под контрола на Јордан.
Објасни дека најдоброто сценарио за Блискиот Исток би било доколку Египет, Саудиска Арабија и другите арапски држави се подготвени да извршат притисок врз радикалните елементи и да наметнат мирно решение.
Од 7 октомври наваму има воени дејствија откако Хамас почна со напади на Израел. Сега Израел врши напади на Појасот Газа, каде има илјадници жртви.
