Кипарскиот парламент нема да го одобри законот за оданочување на банкарските депозити?
Предлог законот за оданочување на банкарските депозити, кипарскиот парламент најверојатно нема да го одобри, иако тоа меѓународните кредитори го бараат како услов за доделување на финансиска помош на земјата, изјави денеска портпаролот на кипарската влада Христос Стилианидис.
Кипарскиот претседател Никос Анастасиадис синоќа разговарал со германската канцеларка Ангела Меркел и со еврокомесарот за економски и монетарни прашња Оли Рен. Анастасиадис истаканал дека е подготвен да го поддржи договореното со министрите за финансии од еврозоната, но инсистирал партнерите од ЕУ да понудат дополнителна помош, изјави Стилианидис за кипарското државно радио.
Кипарскиот парламент денеска треба да одржи седница на која ќе се гласа предлог законот. Ниту една од партиите нема мнозинство во 56 члениот Парламент.
Се очекува пред почетокот на дебатата во Парламентот пред него да се соберат демонстранти против донесувањето на законот, пренесува ДПА.
Во случај спасувачкиот пакет да не биде одобрен, Кипар може да банкротира и да ја напушти еврозоната.
Анастасиадис предупреди дека во случај спасувачкиот договор не биде одобрен од кипарскиот парламент, финансискиот сектор на островот може да пропадне, што ќе доведе до банкрот на земјата. Кипарскиот претседател ја нема потребната поддршка во Парламентот за донесување на законот. Тој располага со поддршка од 28 пратеници.
Опозициските партии на социјалистите и комунистите изјавија дека ќе гласаат против спасувачкиот пакет.
