Кипар, Италија, Грција и Малта бараат координиран одговор од ЕУ на можна мигрантска криза
Лидерите на Кипар, Грција, Италија и Малта ја повикаа Европската Унија да одговори на единствен и координиран начин на потенцијалниот бран миграции поради војната на Блискиот Исток, предупредувајќи дека мигрантската криза како онаа во 2015 година може да претставува закана, беше објавено денеска.
Лидерите на четирите јужноевропски членки на ЕУ разговараа за миграцијата на маргините на неформалниот самит на ЕУ, чиј домаќин беше кипарскиот претседател Никос Христодулидис во Аја Напа во близина на Никозија.
Во заедничка изјава објавена по состанокот, четворицата лидери истакнаа дека нивните земји, како членки на јужните надворешни граници на ЕУ, се директно изложени на потенцијална неконтролирана миграција во правец на Унијата, пренесува Бета.
Тие објавија дека разгледале „голем број можни мерки кои, доколку е потребно и во целосна согласност со меѓународното право, би ја заштитиле безбедноста и ефикасното управување со надворешните граници на ЕУ“. Во соопштението не се наведува за какви мерки станува збор.
Во соопштението, лидерите на четирите земји ја потврдија важноста на унифициран пристап на ЕУ за максимизирање на одговорот на поединечните држави на евентуално значително зголемување на мигрантските текови поради конфликтот на Блискиот Исток.
Во исто време, лидерите на четирите земји им наложија на одговорните министри за внатрешни работи и надворешни работи да продолжат со тесна координација, „што вклучува, во соработка со Европската комисија, проучување на најдобрите начини за интегрирање на националните напори во рамките на релевантните надлежности и иницијативи на ЕУ“, се вели во соопштението.
Соопштението го дадоа на Кипар Христодулидис и премиерите на Грција Киријакос Мицотакис, Италија Ѓорѓа Мелони и Малта Роберт Абела.
Foto: Pixabay.com
