Кина станува најголем потрошувач на руски гас
Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега Кси Џинпинг денеска во Пекинг потпишаа меморандум за разбирање кој се однесува на т.н. „западна“ траса за испорака на руски гас за Кина. Со оваа спогодба Кина практично ќе стане најголем потрошувач на руски гас.
Преку западната или „Алтај“ траса Русија на Кина ќе и испорачува 30 милијарди кубни метри гас годишно. Веќе е договорена „источна“ траса преку гасоводот „Моќ на Сибир“, на кој работите започнаа откако во мај беше склучена спогодба вредна 400 милијарди долари.
„Кога ќе започне испорака преку западната траса, количеството на испорачан руски гас за Кина може да ги надмине количествата што се извезуваат во овој момент во Европа“, изјави генералниот директор на Гаспром Алексеј Милер.
Путин изразил оптимизам во поглед на новиот енергетски договор потишан со Кина. „Ние начелно се договоривме за отворање на нова западна траса. Веќе се договоривме за многу технички и комерцијални аспекти на овој проект, што е добра основа за да се постигнат конечните спогодби“, изјавил Путин.
Спогодбата за западната гасоводна траса е само еден од вкупно 17 договори што ги потпишаа рускиот и кинескиот претседател денеска. Неколку од нив се во сферата на енергетиката и испораката на природен гас.
Слично
