КИНА ПРВ ПАТ СО СТАВ ЗА САНКЦИИТЕ КОН РУСИЈА: Нема да ги решат проблемите, само ќе отворат нови
Официјален Пекинг
прв пат се огласи по воведувањето на
најстрогите санкции кои САД и Европа ги воведоа кон Русија заради, како што
велат, воената агресија над Украина. МНР на кина тврди дека санкциите
нема да ги решат проблемите во Украина.
Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека се противи на употребата на еднострани санкции за решавање на кризата во Украина по одлуката на Русија да изврши напад врз земјата со наведена цел да ја „демилитаризира“. Западните сили најавија низа казнени мерки, вклучително и за руската економија и нејзиниот банкарски сектор.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ванг Венбин на редовниот брифинг со новинарите изјави дека санкциите нема да ги решат проблемите, туку ќе создадат нови. Тој тврди дека санкциите ќе го попречат процесот на постигнување прекин на огнот и политички договор за ставање крај на конфликтот.
„Кина не поддржува употреба на санкции за решавање на проблемот и уште повеќе се противи на едностраните санкции кои немаат основа во меѓународното право“, рече Ванг.
Западот воведе широки санкции кон Русија, со што рубљата дојде до најниско ниво. Силите на НАТО се согласија да исклучат голем број руски банки од финансискиот систем SWIFT за меѓународни плаќања.
Во четвртокот Русија започна целосен воен напад против Украина.
Потегот уследи откако Москва официјално ја призна независноста на отцепените републики Доњецк и Луганск во Донбас, обвинувајќи го Киев дека не ги исполнил своите обврски од договорите од Минск склучени во 2014 и 2015 година за решавање на конфликтот меѓу сепаратистите и украинската влада.
