Кина потврди нарачка од 200 авиони „Боинг“, првиот голем договор по речиси десет години
Кинеското Министерство за трговија денеска официјално го потврди договорот за купување 200 патнички авиони од американскиот производител „Боинг“, заедно со мотори и резервни делови. Се работи за најголемата нарачка од Пекинг кон американскиот авио-гигант од 2017 година наваму, со што практично се става крај на неофицијалното замрзнување на продажбите што траеше речиси цела деценија.
Договорот беше најавен по самитот меѓу Доналд Трамп и Си Џинпинг во Пекинг минатата недела, на кој присуствуваше и извршниот директор на „Боинг“, Кели Ортберг, како дел од американската деловна делегација. Според кинеските власти, нарачката се реализира „на комерцијална основа“ и според потребите на домашната авио-индустрија.
Трамп претходно изјави дека договорот би можел да се прошири и до 750 авиони, додека аналитичарите од фирмата IBA проценуваат дека сегашниот пакет вреди меѓу 17 и 19 милијарди долари, а би можел да достигне и 25 милијарди доколку поголем дел од нарачката отпадне на широкотрупни модели. Голем дел од испораката се очекува да биде од серијата 737 MAX. Покрај тоа, договорена е и испорака на околу 400 до 450 авионски мотори од американската компанија „Џенерал електрик“.
Паралелно, Вашингтон и Пекинг преговараат за продолжување на тековното трговско примирје, кое истекува во ноември, како и за заемно намалување на царините за стоки во вредност од околу 30 милијарди долари. Двете страни се договорија и за формирање заеднички трговски и инвестициски совет.
И покрај значењето на договорот, дел од аналитичарите истакнуваат дека бројката е помала од очекуваните до 500 авиони, а сè уште не е јасно колкав дел од нарачката претставува нова продажба, а колку се порано најавени испораки преточени во новиот пакет.
