Економија, финансии, бизнис

Контакт

КИНА КУПУВА 200 АВИОНИ „БОИНГ“ ОД САД?!- Прва голема продажба по 10 години

КИНА КУПУВА 200 АВИОНИ „БОИНГ“ ОД САД?!-  Прва голема продажба по 10 години

Американскиот „Боинг“ ќе ја оствари својата прва голема продажба на Кина по речиси 10 години, со нарачка од 200 авиони, објави американскиот претседател Доналд Трамп пред новинарите во претседателскиот авион „Ер форс ван“, на враќање од самитот со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг. 

Тој укажа оти Кина изразила подготвеност да купи до 750 авиони „Боинг“ како дел од договорот постигнат на самитот, пренесува АП. 

Додека пак Reuters, повикувајќи се на изјава на Трамп исто така објави дека Кина се согласила да купи 200 авиони „Боинг“, а нарачката потенцијално би можела да порасне до 750 авиони, „ако добро се реализира“ првата фаза. Reuters наведува дека сè уште не се објавени точни детали за моделите, роковите за испорака и структурата на договорот. 

Воедно, Reuters објави дека акциите на „Боинг“ паднале за околу 4 отсто, бидејќи инвеститорите очекувале поголема нарачка — претходно се споменувале околу 500 авиони, а не 200. Тоа покажува дека пазарот ја примил веста со одредена резерва.

Од друга страна, ниту Белата куќа не прецизираше за кои типови авиони станува збор, ниту изнесе други детали, а ниту кинеската влада, ниту „Боинг“ досега не го потврдиле овој договор, наведува АП.  

Извршниот директор на „Боинг“, Кели Ортберг, беше меѓу бројните американски директори кои го придружуваа Трамп за време на посетата на Пекинг, со цел да продаваат американски производи и услуги на кинескиот пазар.  

Трамп рече дека потенцијалниот договор за авионите би бил корисен и за компанијата „Џенерал електрик“ (GE), која, според него, треба да испорача од 400 до 450 авионски мотори за Кина.  

Претседателот и директор на GE Aerospace, Х. Лоренс Калп, исто така бил дел од патувањето, но компанијата не ги коментирала веднаш овие наводи.  

Иако постоеле очекувања дека самитот ќе донесе конкретни договори, посетата завршила без јасни потврди за тоа што точно е договорено, изјави Бони Глејзер од Германскиот Маршалов фонд.  

Таа оцени дека „сè уште треба да се почекаат официјални податоци од „Боинг“ или од Кина“, наведувајќи дека има многу малку конкретни информации за трговските договори, вклучително и за кинеското купување американски производи како соја, течен природен гас и говедско месо.  

Откако Трамп се врати на својот втор претседателски мандат во Белата куќа, неговата администрација го постави „Боинг“ во центарот на плановите за обновување на американското производство, наведува АП.  

Претходните посети на Блискиот Исток резултираа со големи договори, вклучително и нарачка на „Катар ервејс“ за до 210 авиони „Боинг“, додава американската агенција.  Слични зделки следуваа и по средбите на Трамп со други светски лидери, вклучително и со Јужна Кореја и Турција.  

Трамп престојуваше во тридневна посета на Кина, прва посета на американски претседател од 2017 година.  

Тој претходно рече дека меѓу главните теми на разговорите со кинеското раководство била и војната со Иран, сугерирајќи дека Пекинг го дели ставот на Вашингтон за потребата од завршување на конфликтот и отворање на Ормускиот Теснец.  

Трамп изјави и дека тој и Си постигнале „фантастични трговски договори“, како и дека сè уште не донел одлука за голема продажба на американско оружје за Тајван.        

Фото: Принтскрин/Икс

Слично

Поврзани вести