Кина како нов фактор во војната во Украина - Како ќе одговори Западот?
Кинескиот
исчекор со „предлогот за примирје“ дава нова димензија на руско-украинската
војна со која треба да се справи Западот. Истовремено треба да се одржи Русија
подалеку од можното источно сојузништво и спречување на влез на кинеско оружје
во конфликтот, но и доволно цврст одговор на амбициите на Кина за да не дојде
до нова епизода во која би бил вклучен и Тајван.
Кина можеби искрено посакува крај на војната во Украина, но не според западните заложби, па затоа и го критикуваше проширувањето на НАТО и дотурот на американско и европско оружје на украинскиот фронт.
„Неуспехот на кинескиот мировен план за Украина да биде сервиран на светската јавност е можеби прелидиум за испраќање оружје на Москва под изговор да се финализира војната во Украина. Потенцијално наоружување на Москва од страна на Пекинг дополнително ќе ја закомпликува ситуацијата, наместо да донесе мир“, вели политикологот Иво Ранѓеловиќ.
Псевдо неутралност
Било какво директно вмешување во војната за Пекинг ќе значи целосна изолација на меѓународната сцена и серија на санкции од САД, ЕУ и останатите западни партнери, но во обидот да се постави контратежа, можно е да се преземат одредени ризици, дел реторички, а помалку веројатно и стратешки.
„Согласно постулатите на географијата и политиката, неизбежно е држава како НР Кина да учествува во развојот на настаните кои се поврзуваат со руската инвазија врз Украина. Но, важно е да се забележи и дека Путин побара „амин“ од Си Џинпинг за почеток на инвазијата, во пресрет на ЗОИ ланската година во Пекинг. Иако официјалниот став на Пекинг до денес е мир, историјата ќе ги толкува врзаните очи на Си Џинпинг како пасивна поддршка на Кина кон Русија, без истата да биде формализирана“.

Кина досега официјално не ја осуди Русија за воената инвазија врз Украина и токму затоа НАТО и западните сојузници сметаат дека не е непристрасна страна во конфликтот, но и да е така кои се чекорите кои може да донесат мир?
Кина е внимателна во својата дипломатија кон Западот, а Русија е само џокерот со кој манипулира Пекинг, што е легитимно. Неутралноста остава простор за Кина да може да соработува со Москва, градејќи еден друг простор за реципроцитетна поддршка при евентуален конфликт со Тајван. Од друга страна, противењето на владата во Кина да го снабдува Путин со оружје ја оддржува хармонијата на Кина со Западот, избегнувајќи санкции.
Може ли да се очекува нагла промена во односот на Кина кон војната во Украина и од пасивен да стане активен учесник вклучувајќи и достава на оружје за Русија како одговор на Западот, за што и во самиот предлог документ од кинеска страна како виновник се посочува воената експанзија и вооружувањето на западните сојузници?
Сметам дека Кина ќе избегне формално наоружување на Русија, бидејќи тоа би значело тотална изолација на државата и исклучително ризичен реориентир на стратешката перспектива. Дополнително на тоа, ваквиот потег ќе го легитимизира учеството на Западот во одбрана на Тајван, ќе го забрза наоружувањето на Јапонија и ќе ја смести Индија на браникот на либералниот поредок, пресретнувајќи го кинескиот експанзионизам. Последно, не сум убеден дека кинеската јавност е спремна да ја прифати ваквата новина.
Х. С.