Ким ослабел за да покаже пред народот дека и тој нема што да јаде
Кога Ким Јонг Ун се појави во државните медиуми на почетокот на јуни, откако не беше виден во јавноста повеќе од еден месец, аналитичарите забележаа дека зглобот на кој го држеше часовникот е потенок од порано, што предизвика шпекулации за здравјето на лидерот кој владее челично со Северна Кореја.
Реткото споменување на здравствената состојба на 37-годишниот Ким Јонг Ун во севернокорејските медиуми може да има за цел спречување на шпекулации и нагласување на заедничка жртва поради недостиг на храна, тврдат аналитичарите.
Државните медиуми, кои се под строга владина контрола, во петокот објавија изјава од неидентификуван граѓанин на Пјонгјанг, кој рече дека сите во Северна Кореја имаат скршено срце откако виделе фотографии на Ким колку е „премален“..
„Ако странските набудувачи забележале промени во изгледот на Ким, тогаш може да се обложите дека Севернокорејците тоа го забележале уште побрзо“, изјави за Ројтерс Кристофер Грин, експерт за Кореја на Универзитетот Лејдан во Холандија.
Останува нејасно дали Ким изгубил тежина поради болест или одлучил дека е крајно време да ослабе и да ја пдообри физичката форма. Нејасна е и намерата за покривање на државните медиуми, рече Џени Таун, директор на американскиот проект 38 Север, кој го следи развојот на настаните во Северна Кореја.
„Чудно е што го покажаа во облека што не му одговараше, како да сакаа да го потенцираат слабеењето“, изјави таа за британската агенција.
Ким призна дека состојбата со храната во земјата е „напната“ и може да се влоши ако приносот на жито падне оваа година, влошувајќи ги економските проблеми поради самонаметнатите ограничувања кои практично ја стопираа трговијата.
„Најверојатната причина да се спомене слабеењето на овој начин, според мое мислење, е поврзано со рестриктивните мерки поврзани со Ковид-19 “, рече Чад О’Карол, извршен директор на Групата за проценка на ризик во Кореја со седиште во Сеул.
„Без оглед на причините за наглото слабеење на Ким, се чини дека има пропагандна вредност во покажувањето дека дури и водачот на Северна Кореја е под влијание на недостигот на храна што ја погодува земјата во моментот.
Режимот можеби имал намера уште од самиот почеток да го потенцира фактот дека Ким работи напорно за луѓето во време на тешкотии, или таа порака може да биде несакана последица од изгледот на Ким, рече Грин.
