КИМ ЈА ВКЛУЧИ ВОЈСКАТА-ВО СЕВЕРНА КОРЕЈА НАД 1,2 МИЛИОНИ ЗАРАЗЕНИ: Состојбата е алармантна
Ситуацијата во
Северна Кореја драстично се влоши само четири дена откако официјалните лица го
пријавија првиот случај на инфекција со корона вирусот. Здравствените работници
известија дека починале вкупно 50 лица, додека биле регистрирани дури 1,21
милион случаи на „треска“.
Лидерот Ким Јонг Ун, остро ги критикуваше вработените во здравствениот сектор за нивниот „неодговорен однос кон работата“. Тој нареди и ангажирање на армијата со цел да се помогне за стабилизирање на состојбата во земјата. Одржа и состанок на Политбирото, на кој издаде наредба „веднаш да се стабилизира испораката на лекови во Пјонгјанг и да се вклучи медицинскиот дел од Народната армија“, објави официјалната севернокорејска новинска агенција КЦНА.
Наредбата дојде откако Ким се пожали дека лековите од државните залихи не им се доставуваат навреме на граѓаните преку аптеките. Лидерот ги обвини здравствените работници задолжени за борба против епидемијата дека „не реагирале на време и не ја препознале опасноста, туку само изјавиле дека им служат на граѓаните“.
Северна Кореја дели копнена граница со Кина и Јужна Кореја, земји кои беа тешко погодени од пандемијата на коронавирус во последните две години. Режимот во Пјонгјанг досега одбиваше помош од Пекинг, кој понуди вакцини и медицинска опрема, како и помош од Сеул. Северна Кореја дури одби помош за вакцините од Обединетите нации во рамките на програмата Ковакс.
