Ким Џонг-ун прогласи победа над Ковид, неговата сестра алудираше дека вирусот го прележал и големиот лидер
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изјави дека Северна Кореја го победила вирусот Ковид-19, а неговата сестра Ким Јо-јонг рече дека нејзиниот брат има треска и дека Јужна Кореја е виновна за избувнувањето, пишува Ројтерс.
Според агенцијата KCNA, Ким Џонг-ун наредил отстранување на антиепидемиските мерки воведени во мај и рече дека Северна Кореја мора да одржи „челична антиепидемиска бариера“ и „да ги зајакне напорите против епидемијата од глобалната здравствена криза".
Северна Кореја никогаш не потврди колку нејзини жители се заразиле со вирусот, наводно затоа што немала доволно тестови. Наместо тоа, таа објавуваше секој ден колку луѓе имаат треска. Досега 4,77 милиони луѓе се „заболени“ од треска, а од 29 јули не е забележан нов случај.
Според КЦНА, Ким Јо-јонг рече дека нејзиниот брат исто така има треска, што, според Ројтерс, е првиот показател дека севернокорејскиот лидер бил заразен со Ковид.
- И покрај тоа што беше сериозно болен и имаше висока температура, (Ким Џонг-ун) не можеше да легне бидејќи мислеше на луѓето за кои треба да се грижи до крајот на оваа антиепидемиска војна - рече Ким на состанокот за проценка на ефектите од досега преземени антиепидемиски мерки.
Ким не објасни со какви здравствени проблеми се соочил нејзиниот брат, но рече дека летоците од Јужна Кореја пронајдени на границата се виновни за избувнувањето.
Севернокорејските дезертери и јужнокорејските активисти со децении користат балони за испраќање политички летоци, храна, лекови, пари и други предмети во Северна Кореја.
Ким го критикуваше јужнокорејскиот претседател Џун Сук-јеол дека сака да ја укине забраната што ги прекина ваквите кампањи во 2020 година.
- Не можеме повеќе да го игнорираме континуираниот проток на ѓубре од Јужна Кореја - рече Ким, заканувајќи се дека ќе ги „уништи“ властите во Сеул.
- Нашата контрамерка мора да биде смртоносна - додаде Ким.
Министерството за обединување на Јужна Кореја соопшти дека им е жал што Северна Кореја ги обвинува дезертерите за епидемијата на Ковид.
Ројтерс наведува дека е можно Северна Кореја да прогласи победа над Ковид за да може повторно да увезува и извезува стоки, но и за првпат од 2017 година да изврши нуклеарна проба.
Официјално, 74 лица починаа од Ковид во Северна Кореја, што е стапка на смртност од 0,0016 проценти. Тоа е, вели севернокорејскиот функционер задолжен за борба против короната, Ри Чунг-гил, „чудо без преседан“.
Светската здравствена организација постојано ги доведува во прашање тврдењата на Пјонгјанг во врска со епидемијата на Ковид.
Фото: EPA/ KCNA
