Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кери притиска за склучување на трговскиот пакт во Азија

Кери притиска за склучување на трговскиот пакт во Азија

Државниот секретар на САД Џон Кери ги повика преговарачите земји за големиот трговски договор да ги надминат разликите кои го блокираат успешното завршување на разговорите, јави АП.

За време на посетата во Сингапур Кери истакна дека т.н. "Транстихоокеанско партнерство" (ТPP) ќе ги фаворизира народите на сите вмешани држави и ќе служи како модел за одговорна глобална индустрија и трговија.

Тој одржа говор пред Singapore Management University само неколку дена откако трговските министри на земјите не успеаја да ги решат последните разлики и да склучат договор во Хаваи.

Кери призна дека има тешкотии при финализирањето на договорот, но додаде дека успешното завршување на преговорите ќе биде наведено како важен настан за меѓународната економија.

Страните вклучени во преговорите, претставуваат 40% од глобалната економија.

Според него договорот ќе доведе до подобрување на работните услови, платите, зголемување на еколошките стандарди, борба против корупцијата и заштита на интелектуалната сопственост.

Бидејќи големите економии се ангажирани кон највисоките стандарди на TPP, неговото влијание нема да се почувствува само во регионот, туку и пошироко. Ќе биде испратена порака до народите во TPP и надвор за поддршка на добро владеење, транспарентност и одговорност, продолжи тој.

TPP е централен елемент од напорите на администрацијата на претседателот Барак Обама за зголемување на влијанието на САД во Азија и како противтежа на Кина.

Преговорите имаат за цел отстранување на повеќето тарифи и други бариери во областа на трговијата и инвестициите меѓу учесниците. Исто така ќе се разјаснат и унифицирани правила за трговија, кои ќе им овозможат на компаниите полесно да продаваат стоки и услуги во регионот.

Но критичарите се жалат дека договорот се подготвува тајно и дека ќе биде од корист за корпорациите на сметка на работниците и потрошувачите.

Договорот беше предложен од Чиле, Нов Зеланд и Сингапур во 2002 година, но Вашингтон го презеде водството по пристапувањето во 2008 година. Учесници се: САД, Австралија, Брунеи, Канада, Чиле, Јапонија, Малезија, Мексико, Нов Зеланд, Перу, Сингапур и Виетнам.

Од Сингапур Кери ќе отпатува за Куала Лумпур, Малезија, за да учествува во годишниот форум на Здружението на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН), каде што во фокусот ќе бидат активностите на Кина во Јужното Кинеско Море.

Слично

Поврзани вести