Ќе преживее ли ИД по убиствата на нејзините лидери?
Изминатата недела беше потврдена смртта на една од највлијателните фигури во терористичката организација која себеси се нарекува „Исламска држава".
Од групата соопштија дека портпаролот Абу Мухамед ал Аднан е убиен во Алепо.
САД соопштија дека Аднан всушност бил елиминиран при ракетен напад во Ал Баб, вториот по важност бастион на терористите во Сирија по Рака. Русија исто така, истакна дека стои зад убиството на еден од највлијателните џихадисти во последните 50 години.
Таха Субхи Фалла, како што е вистинското име на Аднан, е роден во градот Бини, во северозападната провинција Идлиб. Со неговото име се поврзува успешна офанзива на групата во северен и западен Ирак во 2014-та година.
Аднан беше еден од десетиците лидери-основачи на „Исламска држава" уште во 2003-та година.
Аналитичарите сметаат дека отстранувањето на водечките фигури во групата е критичен тест за способноста на „Исламска држава" да преживее без одлуки. Според ирачкиот експерт Халед Ал Куаши во моментов живи се само двајца од основачите на радикалната организација.
Пред да бидат елиминирани, останатите имаа повеќе улоги во групата, бидејќи единствено во нивно лице џихадистите гледаат достојни владетели.
Друг пример за тоа колку многу зависи „Исламска држава" од основачите е Абу Али ал Анбар, кој се разнесе при напад на американските специјалци крај сириско-ирачката граница во март. Анбар беше задолжен со исклучително важната задача да ги води финансиите на групата.
