ЌЕ ПОВРЗЕ ДВА КОНТИНЕНТА: Саудиска Арабија и Египет градат мост над Црвеното Море
Саудискиот крал Салман најави дека е постигнат договор со Египет за изградба на мост над Црвеното Море, кој ќе ги поврзува двете земји.
Во моментов монархот е во Каиро во дводневна посета. Токму тој ја објави веста по средбата со египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси.
„Се согласив со мојот брат неговата Екселенција Абдел Фатах ал Сиси за изградба на мост што ги поврзува двете земји“, рече Салман, цитиран од AFP.
Салман додаде дека одлуката за поврзување на двата континента, на кои се наоѓаат земјите - Африка и Азија, ќе ја подобри трговијата помеѓу нив.
Од своја страна Сиси предложи новиот објект да биде именуван по саудискиот крал, чие полно име е Салман бин Абдел Азиз. Предвидено е објектот да поминува над јужниот дел на Синајскиот Полуостров. Очекуваната цена е меѓу 3 и 4 милијарди долари.
Идејата за објектот не е нова. Таа беше актуелна уште за време на владеењето на поранешниот претседател Хосни Мубарак.
Првичната замисла беше да се даде поттик на египетската економија преку трговијата и туризмот и да се отвори нов пат за аџии во посета муслиманските светињи во Саудиска Арабија.
Претходниот план пак предвидуваше помал мост со должина од околу 32 километри, кој ќе ги поврзува туристичкиот град Шарм ел-Шеик во Јужен Синај со Рас Хамид во северниот дел на Саудиска Арабија.
Според официјални претставници на египетската влада трансакциите се договорени за време на посетата на Салман во Египет, се во вредност од 1,7 милијарди долари. Тие вклучуваат, освен мостот, изградба на универзитет и домови во Јужен Синај, како и изградба на централа.
Двете земји се блиски сојузници и стратешки партнери во нестабилниот регион на Блискиот Исток и Северна Африка.
