Каталонија прогласува независност!?
Во Каталонија недела беше ден кога граѓаните се обидоа да гласаат на референдум за независност на покраината од Шпанија. Беше бурно, шпанската полиција интервенираше брутално. Ги затвораше гласачките места и се судри со гласачите. Каталонската влада тврди дека најмалку 844 луѓе се повредени при судирите со полицијата ширум покраината. Шпанија е срам за Европа, за насилството ќе одговара пред меѓународните судови, порача Каталонската влада.
Каталонска влада - 90% одговорија да за независност
Каталонската влада рано
утрово соопшти дека 90% одговрија за независност. Од
вкупно 2.262.424 гласачи, 2.020.144 гласале „ЗА“ и 176.566 „против“.
Во следните 2 дена Каталонија ќе прогласи
Независност!?
Претседателот на Каталонија, Карлес Пуигдемонт, изјави дека ќе прогласи независност, доколку резултатот на референдумот биде „да“.
„Со овој ден на надеж и страдање, жителите на Каталонија се изборија за правото да имаат независна држава во форма на република. Ние, Каталонците, заслуживме да не слушне Европа. Европската Унија веќе не може да го игнорира кршењето на човекови права, што го следеше референдумот. Шпанската влада испиша срамна страница во своите односи со Каталонија“, изјави Пуигдемонт во телевизиско обраќање. Резултатите од гласањето допрва треба да бидат објавени, а откако ќе се случи тоа, тој рече дека веднаш ќе ги проследи во парламентот, кој за денеска најави вонредна седница. Мадрид од старт го прогласи референдумот за неуставен и најави дека нема да ги признае резултатите.
Рахој: Сите акции на полицијата се согласно законот
Премиерот Маријано Рахој по објавувањето на каталонската влада дека референдумот е успешен, на прес-конференција порача во Каталонија денеска немаше референдум.
„Денеска не се одржа никаков референдум во Каталонија. Мнозинството Каталонци не сакаа да учествуваат во него и со тоа го почитуваа законот. Шпанците го почитуваат тоа. Референдумот кој доведе до несакани ситуации не успеа, но предизвика сериозна штета на соживотот. Отворен сум за разговор, но во рамките на правните граници“, истакна Рахој, додавајќи дека сите акции на шпанската влада и на полицијата, биле во рамките на законот. Имено, референдумот за независна Каталонија предизвика жестоки судири на полицијата со граѓаните на Каталонија. Најмалку 844 лица се повредени во судирите на полицијата и гласачите, кои излегоа на избирачки места во голем број, иако шпанската влада го забрани тоа. Шпанската полиција и цивилната гарда интервенираа откако автономната каталонска полиција не го спречи гласањето во утринските часови, при што употребија гумени куршуми и палки.
Игор Филевски - Филе: Шпанија без Каталонија би била полоша и од Грција
Игор Филевски - Филе, новинар кој 5 години живееше во Барселона, е добар го познава каталонскиот менталитет, а истовремено е и добар познавач на тамошните состојби, вели дека причината се парите. Ова е трет обид за референдум. Досега се гласаше - два пати за тоа дали да има референдум или не, додава Филевски.
„Од 1978 Каталонија има широка автономија. Имаат свој парламент, своја влада, имаат свое влијание врз културата, образованието, но немаат допирна точка со финасиите. Три години наназад каталанската Влада и парламент се нервозни поради тоа што буџетот се одлива во Мадрид. Последната условно кажано побуна околу 14 милијарди годишно се одвиваат во другите покраини од Каталонија, а исто тоа не го прави Мадрид. Каталонците, сами си ги градат патиштата, инвестираат во инфраструктура, додека Мадрид само црпи средства, а не вложува. Каталонија практично ја издржува цела Шпанија. Да, денеска Каталонија има широка автономија, но парите им се одлеваат, а Шпанија без Каталонија би била полоша и од Грција“, вели Игор Филевски - Филе. ЕУ, молчи затоа што никој не знае што точно ќе се случува сега. Никој не знае што ќе се случува во следните 24 часа. ЕУ, смета Филевски мора да го осуди бруталното однесување на полицијата, затоа што европските вредности се цивилизациски, а не недемократски.
Шпанија ќе одговара пред меѓународните судови - за насилствата врз луѓето
Шпанската влада ќе одговара пред меѓународните судови поради насилство на националната полиција во текот на забранетиот референдум во Каталонија во кој се повредени најмалку 844 луѓе, рече синоќа портпаролот на каталонската влада Хорди Турулј, кој Шпанија ја нарече „срам за Европа“.
„Шпанската држава многу се искомпромромитирала и на крај ќе одговара пред меѓународните судови“ рекол Турулј на конференцијата за новинари во Барселона. Тој изразил верување дека ќе бидат пребројани милиони гласови и дека луѓето кои уште чекаат во ред како би го вметнале гласачкото ливче во кутија ќе биде овозможено тоа да го направат, бидејќи временскиот рок за гласање, како што е наведено, нема да биде продолжен. Каталонските власти одлучија гласачките места да ги затворат во 20:00 часот. Полицијата претходно одзеде голем број на гласачки кутии, така што гласање немаше во сите избирачки места.
Каталонците гневни на ЕУ затоа што молчат за полициското насилство
Каталонците се гневни и поради молкот на Европската Унија, откако ниту еден висок функционер од Брисел не го осуди полициското насилство. Европската Унија претходно застана на страната на Мадрид, истакнувајќи дека референдумот е внатрешно прашање на Шпанија и дека тамошните закони мора да се почитуваат. Германската канцеларка Ангела Меркел телефонски му се јавила на шпанскиот премиер Маријано Рахој, барајќи од него објаснување за полициското насилство и за судирите.
Р.Ф
