Канадски генерал вели дека има две опции да заврши војната во Украина, едната е Путин да умре
Пензионираниот канадски генерал-полковник Кристофер Коутс изјави дека траен мир во Украина не е можен додека рускиот претседател Владимир Путин е на власт.
Според него, само воена победа на Украина или смртта на Путин би можеле да создадат услови за трајно решение на конфликтот. Коутс, поранешен командант на Заедничката оперативна команда на Канада, ги даде своите забелешки за Ukrinform по враќањето од посетата на Украина, каде што беше директор за надворешна политика на Институтот Мекдоналд-Лориер, објавува Kyiv Post.
Коутс рече дека е уверен во способноста на Украина да продолжи да се спротивставува на Русија, но предупреди дека Москва води фундаментално поинаков вид војна. Кажа дека Украина работи со ограничени ресурси, додека Русија има многу помалку ограничувања. Тој тврди дека клучната стратешка слабост на Русија лежи во самата природа на војната. Русија, објасни тој, „води нелегитимна војна“ и не се бори за опстанок, туку за политичка цел, трошејќи огромни ресурси за ограничени добивки.
Коутс верува дека Кремљ продолжува да се потпира на пропаганда и медиумска контрола за да ја одржи домашната поддршка, но предупредува дека ваквите системи се кревки на долг рок.
„Систем изграден врз лаги почнува сам да се урива со текот на времето“, рече тој, додавајќи дека долгорочните човечки и економски загуби постепено ќе ја еродираат способноста на Русија да ја продолжи војната.
Тој ја опиша сегашната фаза од конфликтот како „пресвртна точка“, а не како целосна стратешка промена, додавајќи дека иако Украина напредува во некои области, ситуацијата останува кревка.
„Ми се чини дека плимата се врти во корист на Украина“, рече тој, опишувајќи ја Русија како сила во опаѓање која е сè повеќе принудена на она што го нарече „хоризонтална ескалација“, или ширење на притисокот надвор од бојното поле додека нејзините воени успеси стагнираат.
Руската инвазија на Украина почна на 24 февруари во 2022 година. Русија бараше Украина да се денацифицира, демилитаризира и да ги признае како независни републиките Доњецк и Луганск.
foto printskrin youtube
